Општина Центар најавува нов перформанс на Театроск „Статуафест – Другото лице на улицата“. Фестивалот годинава го слави своето десетто, јубилејно издание. Ќе се одржи на улицата „Македонија“ и на плоштадот „Македонија“ на 17, 18 и 19 септември, со почеток во 18.30 часот.
„Театроск е долгогодишен партнер на културната сцена на нашата општина. Години наназад, проектот „Центарски улици“ со своите живи статуи и креативниот пристап дава посебен белег на јавниот простор во срцето на градот. Горди сме што неделава заедно славиме една деценија од овој уникатен фестивал што ја облагорадува урбаната монотонија во која секојдневно се движиме, создавајќи амбиент што наликува на европска метропола. Општина Центар веќе 4 години финансиски ги поддржува „Центарски улици“, проект кој наиде на одличен одзив кај скопјани“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасиовски.
Во трите фестивалски денови на Статуафест ќе бидат поставени 15 улични акти со живи статуи, си учество на над 20 артисти од продукцијата на „Театроск“.
Покрај живите статуи, на фестивалскиот простор ќе биде поставена и уметничка инсталација „Силуети од минатото“ на Горан Казанковски, како и ликовна изложба на уметникот Ненад Рафајловски.
Општина Центар оваа година издвои еден милион денари од буџетот за перформансот „Центарски улици“, како поддршка и промоцијата на младите македонски уметници, улични перформанси и музички изведувачи.
