Поранешниот претседател на Косово и воен командант на Ослободителната војска на Косово, Хашим Тачи, беше прогласен за виновен за воени злосторства во Хаг и осуден на 25 години затвор, а беше ослободен и од обвиненијата за злосторства против човештвото. Заедно со другите обвинети, беше пресудено дека имале заедничка криминална намера.
Тачи е обвинет по повеќе точки од обвинението, вклучувајќи убиство, тортура и прогон, заедно со Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. Станува збор за првостепена пресуда, а периодот поминат во притвор ќе биде вклучен во казната. Тачи е во притвор од ноември 2020 година.
Јакуп Красниќи беше осуден на 25 години, Кадри Весели на 18 години затвор. Реџеп Селими на 13 години затвор. На сите осудени, времето поминато во затвор им се засметува во казната.
Обвинителите пред Специјалниот совет на Косово побараа максимална казна од 45 години затвор за сите четворица, додека обвинетите ги отфрлија обвинувањата на обвинителството.
Специјалниот суд утврди дека четворицата водачи на ОВК не извршиле злосторства против човештвото.
„Во врска со постоењето на широко распространет напад врз цивилното население како услов за постоење на злосторство против човештвото, Првостепениот совет утврди дека Специјалното обвинителство не успеало да докаже дека е извршен таков широко распространет напад врз цивилното население“, рече претседателот на судскиот совет.
Судскиот совет, исто така, изјави дека инцидентите што започнале по 20 јуни 1999 година, за кои биле поднесени обвиненија за воени злосторства, не можат да се квалификуваат како воени злосторства.
Во меѓувреме, судот изјави дека „кога станува збор за точката „Незаконско или произволно апсење или притвор“, Првостепениот совет утврди дека помеѓу април 1998 и јуни 1999 година, најмалку 385 лица биле произволно лишени од слобода од страна на членови на ОВК во неколку центри за притвор под контрола на ОВК“.
„Тие беа уапсени од припадници на ОВК и воената полиција. Тие беа притворени под обвинение дека се соработници, шпиони и предавници. Нема веродостојни докази дека притворените лица всушност биле соработници, предавници или шпиони, како што тврдеше ОВК“, рече Смит.
Обвинителството докажа дека членовите на ОВК со однапред смислени дејствија и пропусти предизвикале смрт на најмалку 98 лица, односно воено злосторство убиство, беше соопштено при изрекувањето на пресудата.
Првостепениот совет утврди дека специјализираното обвинителство успеало да докаже извршување на воени злосторства од суров третман и тортура против 303 лица во Косово и во два региона на Албанија.
Специјалниот суд утврди дека четворицата водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) имале стратегија за елиминирање на луѓето што ги сметале за пречки, вклучувајќи ги и членовите на други политички и воени сили.
Тачи беше осуден за придонесување кон заедничка криминална намера.
„Тој лично учествувал во извршувањето на кривични дела, ги охрабрувал и поддржувал“, соопшти советот.
Исто така, беше утврдено дека Тачи имал сознанија за злосторствата извршени против противниците на ОВК, но не презел никакви мерки за да ги спречи тие злосторства.
Првостепениот совет утврди дека Кадри Весели придонел за спроведување на заедничката криминална намера и дека бил клучен член во нејзината реализација.
Според судијата Чарлс Смит, Весели соработувал со другите обвинети за да ја постигне таа цел.
Првостепениот совет утврди дека Реџеп Селими на различни начини го поттикнал и учествувал во извршувањето на кривичното дело.
Според судијата Чарлс Смит, Селими учествувал и во апсењето на 13 лица во Ќирез.
Според судијата Чарлс Смит, како член на Главниот штаб на ОВК, Селими одиграл клучна улога во воспоставувањето на оперативните зони, кои редовно ги посетувал.
Тој, исто така, често добивал извештаи за лица за кои се сомневало дека се сметале за противници.
Првостепениот совет утврди дека Селими бил свесен дека единиците на ОВК таргетирале одредени лица.
Првостепениот совет утврди дека Јакуп Красниќи значително придонел за спроведување на заедничката криминална намера и дека бил клучен член во спроведувањето на политиката насочена кон лица кои се сметале за противници.
Според судијата Чарлс Смит, Красниќи поттикнувал извршување на кривични дела против луѓе кои се сметале за противници преку објавување изјави, политички изјави и наредби.
Претседателот на судскиот совет, Чарлс Л. Смит, рече дека оваа судска постапка не е за легитимитетот на ОВК, туку исклучиво за лична одговорност.
Објаснувајќи ја темата на судењето, Смит нагласи дека станува збор за постапките и однесувањето на обвинетите, а не за евалуација на ОВК или нејзините политички цели.
„Оваа судска постапка е за постапките и однесувањето на обвинетите во врска со овој случај. Не станува збор за легитимитетот на ОВК и нејзината цел за независно Косово. Не станува збор за оценување на постапките на едната страна кон другата. Не станува збор за злосторствата што српските сили и паравоените формации несомнено ги извршиле против косовските Албанци. Станува збор само за тоа дали злосторствата наведени во обвинението се извршени и дали обвинетите можат да бидат одговорни за нив“, рече тој.
Според обвинителите, за време на периодот на дејствување во ОВК, обвинетите ги напаѓале политичките противници и цивилите, кои ги сметале за соработници и предавници.
Тачи, исто така, се соочува со посебно судење за заплашување на сведоци, кое треба да започне подоцна овој месец. Тој политички се искачи по војната и стана претседател на Косово, но поднесе оставка за да се брани пред судот во Хаг.
