Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат договор со Данска за значително зајакнување на американското воено присуство на Гренланд.
Овој договор стави крај на месеците тензии и закани за преземање на територијата со сила, додека стратешки важниот арктички остров останува дел од Кралството Данска.
Според најавите од Вашингтон, договорот им дава на САД трајна контрола врз безбедносните и одбранбените потреби на Гренланд. Трамп потврди дека САД веднаш ќе го започнат процесот на проширување на воената инфраструктура во оваа област богата со минерали со околу 56.000 жители.
„По моја наредба, соработувавме со претставници на Данска и Гренланд за да обезбедиме САД засекогаш да имаат целосна способност да преземат потребни чекори во Гренланд за да ја обезбедат и бранат безбедноста на Гренланд и САД. Покрај тоа, отсега па натаму, ниту еден американски противник нема да може да има база во Гренланд, воено присуство во Гренланд или да спроведува чувствителни инвестиции во Гренланд без наша изрична писмена согласност“, додаде тој.
Канцеларијата на данската премиерка Мете Фредериксен објави дека договорот ќе биде формално потпишан од претставници на сите три влади за време на претстојното Генерално собрание на ОН, истакнувајќи дека за целосна имплементација сè уште е потребно одобрение од парламентите во Копенхаген и Нуук. Фредериксен нагласи дека документот целосно го признава суверенитетот, територијалниот интегритет и правото на самоопределување на народите на Гренланд и Данска, додека премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, нагласи дека договорот ги штити интересите на сите три страни.
Според информациите од Стејт департментот, договорот изрично забранува воспоставување воени бази од страна на земји кои не се членки на НАТО, што директно спречува какво било воено или инвестициско присуство на Кина и Русија во Гренланд. Американскиот државен секретар Марко Рубио го нарече овој потег историски успех што трајно го обезбедува северноамериканскиот одбранбен простор.
Ова дипломатско расплетување доаѓа по месеци тајни преговори што следеа по острата реторика од Белата куќа. Претходно, Трамп во неколку наврати инсистираше на купување на островот и не ја исклучи употребата на воена сила, што предизвика сериозни превирања во рамките на НАТО алијансата и остри осуди од европските сојузници.
За Трамп, овој договор претставува значајна точка во надворешната политика пред претстојните избори за Конгресот (среднорочни), во време кога неговата администрација се соочува со политички притисок поради воените операции во Венецуела и конфликтот со Иран.
Патем, од 1951 година и потпишаниот Договор за одбрана со Данска, САД одржуваат воено присуство во Гренланд, каде што управуваат со вселенската база Питуфик на северозападниот дел од островот, што е клучно за системите за рано предупредување за ракетни закани и вселенски надзор.
