Атина сè повеќе се претставува како привлечна алтернатива на Дубаи, со големиот проект „Елиникон“, новите комерцијални и станбени зони и даночните олеснувања за странците што се преселуваат во Грција.
На местото на поранешниот аеродром „Елиникон“ во Атина се развива голем урбан проект, кој треба да го промени ликот на грчката престолнина. Планот вклучува 9.000 домови, трговски центри, канцеларии, хотели и кулата „Ривиера“, додека првата фаза од работите, според сегашните планови, треба да биде завршена помеѓу 2027 и 2028 година.
Проектот се наоѓа по должината на Атинската ривиера, па затоа една од главните предности е погледот на морето и зајдисонцата. Плановите вклучуваат модерни станбени згради, деловни зони, забавни објекти и потивки зони за одмор. Потврдена е и изградбата на луксузната шопинг зона Ривиера Галерија, додека трговскиот центар „Елиникон“ треба да има 340 продавници и 100.000 квадратни метри малопродажен простор.
Атрактивноста на Атина за странците не се базира само на нови недвижности и луксузен животен стил. Федерика Граци, основач на „Митос Релокашн“, изјави:
„Грција нуди даночни олеснувања за повеќето странци. Новите работници, вклучувајќи ги „класичните“ вработени и дигиталните номади, имаат попуст од 50 проценти на данокот на доход. Пензионерите плаќаат фиксна стапка од седум проценти на сите приходи од странство.“
Таа додаде дека трошоците за живот се уште се конкурентни и покрај зголемувањето на цените во последните години. Грција, исто така, нуди различни дозволи за престој за дигитални номади, пензионери и инвеститори, додека Атина има дополнителна предност од културата, меѓународните училишта, многу сонце и знаменитости за пешачење како што се Акропол, храмот на Зевс и стадионот Панатенаикос.
