Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, прогласи вонредна состојба за Њујорк и окрузите Насау, Сафолк и Вестчестер поради силна крајбрежна бура што носи ризик од поплави, силни ветрови и прекини на електричната енергија во текот на викендот.
„Сфатете ја оваа бура сериозно . Бидете внимателни и избегнувајте непотребни патувања“, рече Хочул.
Станува збор за силен нореистер , вид крајбрежна бура карактеристична за североисточниот дел на САД. Според најновата прогноза на градските власти, патеката на бурата се приближила кон Њујорк , па затоа се очекуваат повеќе дожд и посилни ветрови од претходно прогнозираното.
Во Њујорк се очекуваат помеѓу50 и 75 милиметри дожд , а локално може да наврнат и повеќе. Налетите на ветерот би можеле да достигнат помеѓу 65 и 80 километри на час, особено од петок навечер до сабота навечер.
Крајбрежните поплави се очекуваат за време на плимата во петок навечер и сабота наутро. Долните делови на Квинс, Бруклин и Стејтен Ајленд се особено изложени на ризик.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, ги повика граѓаните да бидат внимателни и да избегнуваат непотребни патувања.
„Не возете ниту одете низ поплавната вода“, предупреди тој.
Градските служби ги чистат одводните канали, ги подготвуваат екипите за евентуално сечење дрвја и распоредуваат служби за итни случаи во подрачјата склони кон поплави.
На граѓаните им беше препорачано да ја проверат состојбата на јавниот превоз, фериботскиот и воздушниот сообраќај пред да патуваат, како и да ги избегнуваат ниските крајбрежни патишта за време на плима.
