Распишана е постапка за избор на проектантска куќа која ќе ја изработува целокупната документација за изградба на експресен пат од Радовиш, преку Струмица, до Ново Село и границата со Бугарија, најави денеска во Радовиш заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
Николоски информираше дека постапката опфаќа изработка на предпроектна документација, еколошки и социјални студии, како и физибилити студија. Рокот за поднесување понуди е до 8 октомври.
– Нашата идеја е да се изгради експресен пат кој ќе оди од Радовиш преку Струмица, па сè до Ново Село – граница со Бугарија и на тој начин да имаме уште едно поврзување коешто е автопатско или со експресен пат со Република Бугарија – рече Николоски.
Тој очекува по завршувањето на постапката да биде избрана проектантската, односно консултантската куќа, а студиите и документацијата да бидат изработени во рок од шест до девет месеци.
По завршувањето на документацијата, според Николоски, ќе следува постапка за избор на изведувач. Тој најави дека проектот ќе се финансира со сопствени средства на Јавното претпријатие за државни патишта.
– Ќе одиме со сопствени средства од Јавното претпријатие за државни патишта. ЈПДП е во добра кондиција, има добри приливи на средства и ќе можеме да го градиме овој проект – истакна Николоски.
Тој изрази очекување, доколку постапките се одвиваат според планираното, градежните активности на терен да започнат до есента.
– Еве нека не е ветено, но ако сè оди добро и имаме добра постапка за избор, сега прво на консултантска куќа, а после тоа на изведувач, очекувам до есента веќе да ги започнеме градежните активности на терен – рече Николоски.
Министерот нагласи дека планираната траса нема да завршува во Струмица, туку ќе продолжи до границата со Бугарија.
