Ново одлично претставување на Здружението на информатичарите на Македонија, како заокружување на уште една, исклучително успешна година за Македонија на олимпијадите по информатика, преку резултатот на 19-тата Јуниорска балканска олимпијада по информатика, која од 22-ри до 28-ми септември се одржува во Сараево, Босна и Херцеговина.

Македонскиот тим на овој престижен меѓународен натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години, беше составен од натпреварувачите Зоран Илијоски од Кичево, Јаков Грујовски од Скопје, Панче Бансколиев од Струмица и Иан Стевков од Скопје. Тие беа предводени од лидерите Благојче Павлески и Петар Ковачовски, студенти на Факултетот за информатички науки и компјутерско
инженерство (ФИНКИ).

Во улога на претседател на БОИ иницијативата, дел од тимот беше и проф. д-р Миле Јованов од ФИНКИ. Овој тим освои еден бронзен медал и една
олимписка пофалба. Заедно со овој резултат, вкупниот биланс на македонските ученици на меѓународните олимпијади на кои учествуваше Здружението во текот на оваа година изнесува два сребрени, десет бронзени медали и четири олимписки пофалби – остварување со кое би биле задоволни и многу поголеми држави.

Членовите на македонскиот олимписки тим беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари кој редовно го организира Здружението на информатичарите на Македонија, годинава по 37-ми пат, а со поддршка на ФИНКИ, како и неколку општествено одговорни компании: Сорсикс, Нетцетера и Семос Едукација.

Официјален домаќин на олимпијадата е Босна и Херцеговина, во организација на асоцијацијата „Информатички олимпијади во Босна и Херцеговина“, а под генерално финансиско покровителство на државата. На олимпијадата учествуваат вкупно 55 натпреварувачи од следниве 10 земји членки: Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Романија, Србија, Словенија и Турција, како и од земјите гости: Саудиска Арабија, Украина и Велика Британија. Во ваква силна конкуренција, бронзениот медал за Македонија го освои Зоран Илијоски, додека олимписката пофалница ја освои Панче Бансколиев.

Следната, 20-та по ред, Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2027) ќе се одржи идната година во Грција.
