Општина Центар го санираше и реновираше платото над спортската сала во ООУ „Гоце Делчев“. Платото веќе подолго време протекуваше, а водата навлегуваше во салата и во ходниците на училиштето, информираат од таму.
Според соопштеното, платото е целосно обновено во рамки на градежно-санациските работи.
Отстранети се сите постојни слоеви до конструкцијата, а поставени се нова хидро и термоизолација, нова кошулка и нови плочки. Направени се и решетки за површинско одводнување на атмосферските води. За учениците се поставени нови клупи за одмор, со што платото повторно е во функција на учениците. Дополнително се обновува и оградата во училиштето.
„Долго време оваа површина беше сериозен проблем за училиштето. При посилни врнежи, водата ја поплавуваше спортската сала и ходниците, па затоа беше потребна целосна санација, а не привремено решение. Со новата хидро и термоизолација и целосното уредување на платото, го решаваме проблемот и обезбедуваме подобри услови за настава“, рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Општина Центар, додаваат, континуирано вложува во училишната инфраструктура и создава поквалитетни услови за учење, спорт и секојдневен престој на учениците.
