back to top
23.8 C
Skopje
четврток, 1 октомври , 2026

Виза и Мастеркард добиваат конкуренција: Европа гради свој систем за плаќање

Други наслови

Европските групи за плаќање кои им служат на 130 милиони граѓани објавија дека се здружиле во заедничка компанија за управување со прекугранични плаќања со цел да се намали зависноста од решенија од САД.

Европската мрежа за плаќања (ENP) ќе биде со седиште во Мадрид и ќе управува со заеднички центар за интероперабилност, поврзувајќи различни системи за плаќање, се вели во соопштението на компанијата.

Таа организација, официјално лансирана во среда, од 2027 година ќе биде европска алтернатива на американските гиганти „Виза“ и „Мастеркард“ , кои моментално обработуваат речиси две третини од европските плаќања со картички.

Почнувајќи од следната година, новата Европска мрежа за плаќања (ENP) ќе функционира како меѓусебно поврзана мрежа што ќе овозможи побрзи, поедноставни и попристапни дигитални плаќања во и помеѓу 13 европски земји.

Основачи на ENP се италијанската Bancomat, шпанската Bizum, европскиот конзорциум EPI Company/Wero, португалската SIBS-MB WAY и скандинавската Vipps MobilePay. Заедно тие опслужуваат околу 130 милиони корисници во 13 европски земји, што е повеќе од 70 проценти од населението на ЕУ и Норвешка.

Европскиот конзорциум EPI Company/Wero се состои од главни акционери и банки основачи, вклучително BNP Paribas, Groupe BPCE, Crédit Agricole, Crédit Mutuel (BFCM), La Banque Postale, Société Générale, Deutsche Bank, DZ Bank, Sparkasen-Finanzgruppe, Belgrupp. Банката, Erste Bank Oesterreich, Raiffeisen Bank International и нејзината поврзана Raiffeisen Landesbanken, како и италијанската Nexi и француската Worldline.

Европа се стреми да ја намали својата зависност од американските гиганти, стравувајќи дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп би можела да го ограничи пристапот до американската инфраструктура за плаќање, објави Ројтерс.

Европската мрежа би ги поврзала постојните платни системи преку заеднички технички и оперативен слој базиран на европски стандарди и преку моментални плаќања директно од сметка до сметка, се наведува во соопштението.

Во иднина би можеле да се приклучат и други европски шеми за плаќање, додадоа компаниите во соопштение, истакнувајќи дека постепеното воведување ќе започне со прекугранични плаќања меѓу поединци, проследено со е-трговија и плаќања на продажни места.

Иако Европската централна банка планира да воведе дигитално евро до 2029 година, кое во суштина би било дигитален паричник под нејзина гаранција, но управуван од приватни компании, вклучувајќи ги и банките, националните платни системи се фокусирани на меѓусебно поврзување на нивните мрежи, забележува Ројтерс.

Суверенитетот во областа на плаќањата е приоритет за европските претставници, бидејќи фрагментацијата на глобалниот поредок ги зголемува ризиците поврзани со пристапот до платните системи, додека новите форми на пари претставуваат предизвик за еврото, забележува Ројтерс.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести