back to top
23.8 C
Skopje
четврток, 1 октомври , 2026

(Видео) Мицкоски до студентите: Каде и да одите во странство – вратете се дома, така ги учам и моите синови

Други наслови

Вистинскиот живот е борбата за семејството и татковината, каде и да одите вратете се дома, им порача премиерот, Христијан Мицкоски, на студентите на првиот универзитетски час од новата учебна година на Универзитетот „Гоце Делчев“.

Тој зборуваше за неговото образование во странство, но вели дека каде и да одел се враќал во Македонија.

„Поминуваше животот, животот ме носеше во различни средини и поминав еден добар дел од својот живот во Италија, дел од својот живот поминав во Германија, завршувајќи го експерименталниот дел од мојот докторат. Еден дел од својот живот поминав и како визитинг професор на универзитетот технички во Виена. Но, она коешто секогаш ме инспирираше и претставуваше моја водилка во животот, а тоа беше мојата родна земја, татковина Македонија. Каде и да одев, се враќав назад и знаев дека тука ќе го формирам моето семејство и тука ќе го продолжам мојот живот. На тој начин ги воспитувам и моите два сина Јован и Антониј. Да патуваат, да стекнуваат знаење, да другаруваат, да го поминат целиот свет и онаму каде што ќе имаат можност, никогаш таа можност да не ја одбијат. Но, крајот да се вратат дома и заедно дома да се бориме за нашата заедничка татковина Македонија“, рече Мицкоски.

Тој вели дека на социјалните мрежи се создава лажна слика дека во странство животот е подобар.

„Знам дека ќе имате многу предизвици, знам дека ќе има и такви коишто ќе ве убедуваат дека тоа е невозможно, дека некаде таму далеку од овде е подобро и дека таму е сѐ поинаку отколку тука дома. Сакам да ви дадам еден совет којшто го имам научено во мојот живот – тоа не е точно. Тоа што секој сака да ви каже и да ви го претстави на социјалните медиуми, тоа во суштина не е вистинскиот живот. Вистинскиот живот е борбата којашто ве чека, борбата за вашето семејство и борбата за вашата родена земја, Македонија. Тоа никој пат немојте да го заборавите. Каде и да одите, вратете се дома и заедно да се бориме за нашата најубава земја на светот – Македонија“, рече Мицкоски.

Премиерот испрати порака и до професорите. „Втората порака којашто сакам денеска од овде да ја упатам е до моите колеги и ваши професори – Ја имате најубавата работа на светот, а тоа е да го пренесете вашето знаење на овие прекрасни млади луѓе, а од тоа знаење коешто вие ќе им го пренесете, зависат и нивните семејства во иднина, нивните деца, нивните внуци, и сето она коешто ќе следи како предизвик во нивниот живот. Искористете ја таа шанса, бидете дел од нивната младост, но исто така бидете дел и од нивниот живот понатаму низ годините коишто следат“, рече Мицкоски.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести