„Во Македонија, струјата е евтина само ако ја гледате само номиналната цена изразена во евра – тогаш е приближно на нивото на Србија и Албанија. Но, многу поважно е прашањето колку таа струја реално тежи на џебот на човекот што ја плаќа. Според податоците на ЕУРОСТАТ за втората половина од 2025 година, кога цената на електричната енергија ќе се спореди со куповната моќ на населението, Македонија има највисок трошок меѓу земјите од Западен Балкан“, велат од партијата Левица.
„Просто кажано, 100 денари не вредат исто за човек со минимална плата и за човек со високи приходи. Истото важи и кога ги споредуваме државите. Вистинското прашање е колку можеш да купиш со платата што ја земаш и колкав дел од домашниот буџет ти зема сметката за електрична енергија. Токму затоа ЕУРОСТАТ го користи PPS – Purchasing Power Standard, односно стандард на куповна моќ, мерка која овозможува да се спореди реалниот ценовен товар меѓу државите, земајќи ги предвид разликите во ценовното ниво и куповната моќ.
Нешто може на хартија да изгледа „евтино“, а за работникот, пензионерот и семејството со просечни приходи да биде релативно скапо. Евтина цена не значи автоматски и евтина струја за народот. Во услови кога граѓаните се соочуваат со ниски приходи и растечки трошоци за живот, секое поскапување на основните енергетски потреби директно се одразува врз животниот стандард. Дополнително, во досегашното работење на РКЕ не е непознато честото менување на правилниците и тарифните модели, сè со цел да ѝ се удоволи на политичко-енергетската олигархија во Македонија, додека товарот од нефункционалниот енергетски систем се префрла врз граѓаните.
Левица смета дека тарифните блокови треба да останат, но со проширување на временскиот опсег на евтината тарифа, за поевтината електрична енергија реално да биде достапна за поголем број домаќинства. Единствена можност за структурно намалување на цената на струјата е ЕЛЕМ Продажба да биде законски определен како универзален снабдувач, со двојно помала маржа од сегашната маржа на ЕВН Хоум од 9,9%. Наместо систем во кој приватниот посредник ја зголемува својата заработка на товар на граѓаните, електроенергетскиот систем мора да биде ставен во функција на јавниот интерес.
Левица бара воведување повеќетарифен систем – зимски и летен – со повеќе часовни блокови, како и сончева тарифа за усогласување на производството со побарувачката, искористување на сончевите вишоци и намалување на сметките за електрична енергија. Воедно, бараме зголемување на интервалот за евтина тарифа. Енергетиката не смее да биде инструмент за збогатување на енергетските посредници и олигархијата, туку стратешки сектор преку кој државата ќе обезбеди достапна електрична енергија и заштита на животниот стандард на граѓаните“, соопштуваат од партијата Левица.
