Кобилата која се ождребила на улица во скопски Карпош и нејзиното ждребе се згрижени и сместени во карантин во скопската Зоолошка градина, објави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Утрово нѐ затекна веста за кобила која се ождреби на улица во Скопје. Раѓањето нов живот треба да биде убава вест. Но, кога тоа се случува на асфалт, во несоодветни услови и изложено на опасност, тоа е сериозен повик за одговорност“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Тој посочи дека екипите на ЗОО-Скопје и стручните лица веднаш реагирале, иако, како што наведува, тоа не е во нивна надлежност.
„Кобилата и ждребето се преземени и сместени на безбедно, во карантин, каде што ќе ја добијат потребната нега и стручен третман“, наведува градоначалникот.

Ѓорѓиевски ги повика Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство итно да пристапат кон заедничка и координирана акција, секој во рамките на своите надлежности.
„Потребни се конкретни мерки, како заштита и соодветно згрижување на животните, одговорност за нивната експлоатација и злоупотреба“, посочува тој, додавајќи дека Град Скопје ги става на располагање сите расположливи капацитети за да помогне.
Ѓорѓиевски порача дека нема да дозволи случајот да остане само уште една вест што ќе биде заборавена, нагласувајќи дека Скопје мора да биде безбеден, уреден и хуман град.
