back to top
24.8 C
Skopje
недела, 4 октомври , 2026

Околу 1.000 жени годишно заболуваат од рак на дојка, Клековски најави нов скрининг

Други наслови

Околу 1.000 нови случаи на рак на дојка се регистрираат годишно во Македонија, а во моментов околу 7.000 пациентки се лекуваат или се лекувале од оваа болест, информираше министерот за здравство Сашо Клековски на „Розовиот пикник појадок“ во Паркот кај Школка, организиран од ХЕМА-ОНКО.

На настанот, кој го поддржа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, беа упатени пораки за важноста на превенцијата, раното откривање и отворениот разговор за ракот на дојка.

Клековски истакна дека подигнувањето на свеста за ракот на дојка останува еден од приоритетите, нагласувајќи дека за успешно лекување е клучно болеста да се открие навреме.

Како еден од главните проблеми тој ја посочи скрининг-програмата за рак на дојка, која, според извештај на Државниот завод за ревизија, не ги дава очекуваните резултати.

„Мораме комплетно да го премислиме концептот и се надевам многу бргу заедно со ХЕМА-ОНКО ќе промовираме нов концепт за скрининг-програмата“, рече Клековски.

Во однос на третманот на пациентките, министерот информираше дека два лека за рак на дојка се ставени на позитивната листа, со што пациентките кои се на хронична терапија можат лековите да ги подигнуваат во аптеките, наместо да одат во Клиниката за онкологија.

Според Клековски, снабдувањето со лекови во моментов е стабилно, но Министерството за здравство анализира дополнителни мерки за надминување на евентуалните прекини во испораката на терапијата.

Тој потсети и дека од минатата година е обезбедена дополнителна финансиска поддршка за Клиниката за торакална хирургија и Клиниката за пластична хирургија, со цел реконструктивните зафати да се изведуваат веднаш по оперативниот третман.

„За нас тоа не е само естетско прашање, туку прашање на психофизичкото здравје и квалитетот на живот на жените кои се соочиле со оваа болест“, нагласи Клековски.

Тој изрази уверување дека во наредниот период ќе биде ставен уште поголем фокус на превенцијата, раната дијагностика и третманот на ракот на дојка, кој останува едно од најчестите малигни заболувања кај жените.

Ана Марјановиќ од ХЕМА-ОНКО истакна дека редовните самопрегледи и раното откривање значително ја зголемуваат можноста за успешно лекување на ракот на дојка. Таа посочи дека кај жените кај кои болеста е откриена во рана фаза, стапката на преживување надминува 99 проценти.

„Подигнувањето на свеста и раната дијагностика остануваат најсилното оружје во борбата против ракот на дојка“, истакна Марјановиќ.

Според неа, иако во моментов државата нема функционална скрининг-програма, жените можат преку редовни самопрегледи навреме да забележат промени и побрзо да побараат лекарска помош.

„Искрено верувам дека ако жената добро го познава своето тело и активно се грижи за своето здравје, ракот може да биде откриен во фаза кога лекувањето е најуспешно“, истакна Марјановиќ.

Таа посочи и дека годинава е воведен тумор-борд за третман на рак на дојка, што го оцени како значаен исчекор во лекувањето.

„Наместо одлуките за третманот да ги носи поединец, за секоја пациентка треба заеднички да одлучува мултидисциплинарен тим составен од онколози, торакални хирурзи, радиолози и патолози“, појасни Марјановиќ.

Таа изрази надеж дека во текот на следната година во работата на тимот ќе биде вклучена и Клиниката за пластична хирургија, со цел уште од почетокот на лекувањето на пациентките да им се обезбеди поквалитетна психолошка и физичка поддршка.

Марина Камберска, која веќе осум и пол години живее со дијагноза рак на дојка, упати порака до пациентките да не се изолираат и да не се повлекуваат во себе, туку отворено да разговараат за болеста и да бараат поддршка.

Таа порача искуствата да се споделуваат, бидејќи поддршката од луѓе кои поминале низ слична борба може значително да помогне во справувањето со болеста. Упати и апел до жените редовно да вршат самопрегледи на дојките, нагласувајќи дека телото често испраќа сигнали кои не треба да се игнорираат.

Тереза Балаловска, која се лекува од рак на дојка од 2019 година, порача дека за болеста мора да се зборува гласно и без страв, бидејќи молчењето и негирањето се меѓу најголемите пречки за навремено откривање и лекување.

Таа раскажа дека болеста ја открила сама преку самопреглед, по што со поддршка од матичниот лекар започнал процесот на испитувања што довел до поставување на дијагнозата.

Балаловска нагласи дека патот низ лекувањето е тежок и неизвесен, особено во првите моменти по соочувањето со дијагнозата, кога пациентите се преплавени со стравови и прашања за иднината.

По повторното појавување на болеста во 2024 година, како што вели, таа станала уште посилна и поактивна во борбата за подигнување на свеста.

Според Балаловска, ракот на дојка е болест што тивко влегува во животите на многу семејства и често не дава јасни симптоми, поради што здравствената култура, редовните прегледи и отворениот разговор за болеста се неопходни.

Организаторите истакнаа дека ваквите собири придонесуваат за рушење на стигмата поврзана со болеста и за охрабрување на жените навреме да побараат помош и поддршка.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести