Скопје денеска повторно живееше во ритамот на трчањето. На 22. издание на Виз Ер Скопскиот маратон, рекордни 15.050 тркачи од 63 земји ги исполнија улиците на градот, а долж патеката ги следеше публика од сите генерации, која со аплаузи и бодрење беше со нив од првите метри до целта. Сонцето, насмевките и доброто расположение го претворија денот во вистинска прослава на трчањето, со Скопје во центарот на една голема спортска приказна.
На маратонот, Кенија ги освои првото и второто место во машка конкуренција, со Дерик Чеге Нјороге на врвот со време од 2:12:56 и Едвин Кимару Косгеј на второто место со 2:13:20. Трет беше македонскиот маратонец Дарио Ивановски, кој истрча 2:13:48.
Кај жените, Кенијките ги освоија сите три места на подиумот, а Долфин Кемунто Нјагака со време од 2:32:05 постави нов рекорд во женска конкуренција. Втора беше Мерси Џебичии Кипкемои со 2:39:39, а третото место ѝ припадна на Естер Чесанг Какури со 2:40:18.
Кенија го презеде врвот и на полумаратонот, каде што нејзините натпреварувачки ги освоија сите три места во женска конкуренција. Победата ја однесе Валентин Џебет со 1:13:15, пред Чарен Чепкепмои со 1:15:08 и Нанси Гитаига со 1:17:24.
Во машка конкуренција, исто така, на подиумот се најдоа исклучиво кенијски тркачи: најбрз беше Кенеди Кипкемои Роно со 1:05:26, втор Хилари Киптум Мајјао Кимајо со 1:06:11, а трет Џон Њугуна Курија со 1:06:59.
На најкратката трка, на 5 километри, домашните натпреварувачи го освоија врвот во двете конкуренции. Кај мажите, најбрз беше Андреј Арсов со 16:28, пред Гилман Јунуза со 16:35, додека третото место му припадна на Швеѓанецот Фредрих Урбон со 16:43.
Во женска конкуренција триумфираше Хајдари Ирма со 19:43, втора беше Емили Ивановска со 20:53, а третото место го освои Црногорката Лана Ивковиќ со 21:00.
Но, денешниот маратон не го одбележаа само резултатите. Скопските улици беа полни со учесници на маратонот, полумаратонот, трката на 5 километри и ЕУ фор Спорт штафетната трка.
Се трчаше во друштво, со семејството и пријателите, но и покрај илјадници луѓе со кои учесниците можеби за првпат се сретнаа токму денес. Меѓу нив имаше искусни маратонци, рекреативци, учесници од сите генерации, но и бројни странски гости и туристи кои викендот во Скопје го искористија и за да бидат дел од маратонот и да го почувствуваат градот во неговото најраздвижено издание.
Долж патеката тркачите имаа поддршка на секој чекор – од освежителни станици со вода, електролити и овошје, до места за дополнување енергија и медицинска помош. Музичките точки и настапите низ градот дополнително го подигнаа расположението, па патеката беше исполнета со музика, аплаузи и бодрење. За непречено одвивање на маратонот се погрижија и бројните волонтери, кои беа со тркачите од стартот до целта и се грижеа за нивното освежување и поддршка во текот на трката.
Сонцето, полните улици и публиката која не штедеше глас беа дел од сликата на денешното скопско утро. Од најмладите до највозрасните, од домашните тркачи до гостите од десетици земји, сите беа дел од истата атмосфера и истото движење низ градот.
За многумина, денешниот ден не беше само прашање на време и пласман, туку можност да ја истрчаат својата трка, да го почувствуваат Скопје на поинаков начин и да стигнат до целта со поддршката од луѓето покрај патеката.
Со рекорден број учесници и тркачи од 63 земји, 22. Виз Ер Скопскиот маратон уште еднаш покажа дека е ден кога спортот, дружењето и добрата енергија го освојуваат градот.
