Денеска во Општина Аеродром започна спроведувањето на обуката од мерката „Поддршка за самовработување – Претприемништво“, која Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА ја спроведува во соработка со Агенцијата за вработување.
На почетокот од обуката свои поздравни обраќања пред учесниците имаа градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески, заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески, директорката на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА Даниела Димовска и заменик-директорката на Агенцијата за вработување Весна Пешова.

„Спроведувањето на оваа мерка е од огромно значење, бидејќи вложувањето во знаењето, вештините и претприемачкиот дух значи вложување во луѓето, новите работни места и во развојот на локалната економија.
Општина Аеродром е препознатлива по големиот број мали и средни претпријатија, кои секојдневно создаваат нови можности, вработуваат, соработуваат и придонесуваат за развојот на општината. Тие се важен дел од Аеродром и вистински амбасадори на локалниот потенцијал“, велат од Општината.

Градоначалникот Митески истакна дека обврска на локалната самоуправа е да создава средина во која добрите идеи ќе добијат шанса, а оние што сакаат да започнат сопствен бизнис ќе имаат знаење, поддршка и можност да го направат својот прв, но сигурен чекор.
„Со вакви партнерства се создава вистинска поддршка за луѓето што имаат идеи, амбиција и желба да создаваат нови вредности и да придонесуваат за развојот на заедницата.

Општина Аеродром ќе продолжи да биде отворен партнер за сите што сакаат да создаваат, да работат, да вработуваат и да придонесуваат за уште посилен и поразвиен Аеродром“, се додава во соопштението.
