Светската здравствена организација (СЗО) препорача лекови за дебелина да не се користат кај деца под 10 години, велејќи дека сè уште не е доволно познато како силните лекови би можеле да влијаат на нивното здравје на долг рок.
СЗО препорача дека за децата од таа возраст фокусот треба да биде на здравата исхрана и физичката активност, додека за адолесцентите на возраст од 10 до 19 години, употребата на лекови може да се разгледа само ако програмите за промена на животниот стил, спроведени со стручен надзор, не дале резултати, објавува Блумберг.
СЗО, исто така, изјави дека баријатриската хирургија, односно операцијата за намалување на желудникот, може да се разгледа под „строго дефинирани услови“ кај адолесценти со тешка дебелина.
„Нема доволно докази“ за употреба на лековите кај мали деца, рече Луз де Регил, директорка на Одделот за исхрана и безбедност на храната при СЗО, додавајќи дека новите научни откритија би можеле да доведат до различни препораки во иднина.
Доколку здравствените власти ширум светот ги следат овие упатства, тоа би можело да ја ограничи употребата на нова генерација моќни лекови за слабеење кај децата, кои производителите „Ели Лили“ и „Ново Нордиск“ сè повеќе ги тестираат на помлада возраст.
Според податоците на СЗО, околу 170 милиони деца и адолесценти биле дебели во 2024 година.
Во студија објавена минатиот месец, лекот „вего“ на Ново Нордиск, кој припаѓа на групата лекови GLP-1, им помогнал на две од пет деца на возраст од шест до 12 години да изгубат доволно тежина за да избегнат класификација како дебели.

Компанијата „Ели Лили“ минатиот месец започна со тестирање на својот лек „Зепбаунд“ врз деца на иста возраст, а резултатите се очекуваат до 2029 година.
„ Вегови “ е одобрен во Соединетите Американски Држави и Европа за адолесценти на возраст од 12 години и постари, додека „Зепбаунд“ не е одобрен за таа возрасна група.
Лоренс Грамер-Строн, раководител на одделот за исхрана и безбедност на храната при СЗО, предупреди дека раното воведување на лекови, наместо промените во навиките во исхраната и физичката активност, може да доведе до повисоки трошоци за здравствена заштита во текот на целиот живот.
Тој рече дека не е познато колку долго лековите ќе останат ефикасни, какви се нивните долгорочни несакани ефекти и дали децата би биле спремни да ги користат долгорочно откако ќе изгубат вишок килограми.
„Ако започнете со лекување на деца многу рано со лекови GLP-1 или слични препарати, кога престанува тоа? Немаме доволно докази дека тие можат да бидат корисни како привремена терапија“, рече тој.
Во декември, СЗО препорача употреба на лекови GLP-1 кај возрасни со дебелина, а сепак го разгледуваше прашањето за зголемување на телесната тежина за време на бременоста.
