Директорот на Државната лотарија, Александар Климовски, заедно со портпаролката на Владата, Марија Митева, денес повеќе од половина час го презентираше финансискиот извештај за прославата на независноста од минатиот месец, но и овој пат не кажа колку пари поединечно се платени за секој изведувач. Најмногу пари, односно 2,1 милион евра од вкупно 5,5 колку што чинела целата прослава, се потрошени на хонорарите на сите 67 изведувачи. Колку пари се префрлени на секој од изведувачите знае „Стардаст“ и изведувачот, но не и Државната лотарија оти договорите биле доверливи.
„Тоа се нивни меѓусебни облигациони односи врз база на комерцијални договори коишто си имаат одреден степен на доверливост, коишто се склучени помеѓу ‘Стардаст’ и помеѓу Дејвид Гета или кои било други уметници, изведувачи, пејачи и така натаму. Тоа се нивни интерни договори коишто тотално во сума се пренесени во извештајот“, рече директорот Климовски и нагласи дека за нив е платен данок и оти минале из системот на Управата за јавни приходи.
Директорот Климовски појасни дека Државната лотарија склучила само еден договор, оној со „Стардаст“ како организатор и носител на проектот.
„Во делот финансиска примена на средствата, ние ги контролираме тоталните суми по петте одделни позиции за да утврдиме дека операторот ја исполнил финансиската рамка на договорот. Поединечните суми и хонорари се уредени со внатрешни договори помеѓу ‘Стардаст’ како главен изведувач и самите уметници или нивните матични агенции. Лотарија не може да ја провери нивната точност, иако верува во она што е обезбедено и реализирано. Тоа е така бидејќи Лотарија не може да навлезе во тие договори бидејќи се работи за нивни деловни односи базирани на доверливост. И доколку ние тоа го бараме и го објавуваме, за нас во тој случај Државната лотарија би ја изложиле на тужби за отштета. За нас е клучна наменската примена на средствата за целиот проект, а таа е, според Државна лотарија, 100% реализирана“, вели директорот Климовски.
Неколкупати во текот на прес-конференцијатаа во Владата, директорот Климовски проектот го нарече колосален оти опфатил прослави во 13 градови и 67 уметници за кои имало досега невидена организација.
