Европската комисија ги финализира плановите за заострување на визните правила за стотици илјади руски граѓани кои секоја година ги посетуваат земјите од Европската Унија како туристи, а новите ограничувања треба да ги вклучат и поранешните борци од војната во Украина, објави Политико.
Како што пишува „Политико“, повикувајќи се на претставници на ЕУ, Комисијата треба да презентира пакет законски предлози во јануари 2027 година. Целта е да се зајакне одбраната на блокот од хибридни закани, вклучувајќи саботажи и други активности зад кои европските претставници се сомневаат дека стои Москва.
Иницијативата ја предводат Шведска, Полска и Естонија, а прашањето треба да се дискутира на утрешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург. Овие земји тврдат дека туристичките визи можат да послужат како параван за разузнавачки операции и напади врз критичната инфраструктура, вклучително и воената индустрија што произведува оружје за Украина.
„Мислам дека на сите им е очигледно дека постојат слабости во нашиот систем што нашите непријатели можат да ги искористат“, изјави шведскиот министер Гунар Штромер за Политико. Шведска би сакала Комисијата да го презентира својот предлог пред јануари, рече тој.
Посебно внимание е насочено кон поранешните борци кои учествувале во војната во Украина. Естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна предупреди дека значителен број од нив, со поддршка на руските разузнавачки служби, би можеле да дојдат во Европа.
Според податоците објавени од Политико, минатата година на руски државјани им биле издадени околу 478.000 туристички Шенген визи, од кои многу биле визи со повеќекратен влез. Вкупниот број на Шенген визи издадени на Руси, според податоците на Евростат, изнесувал околу 620.000.
Европскиот комесар за миграција Магнус Брунер ги повика земјите-членки да го намалат бројот на визи што им ги издаваат на руските граѓани. Како што рече, по почетниот пад, бројот на издадени визи престана да се намалува.
Бројот на Шенген визи за Русите драстично се намали по почетокот на инвазијата на Украина, од повеќе од четири милиони во 2019 година на 500.000 во 2023 година. Во ноември минатата година, Европската комисија дополнително ги заостри правилата, така што Русите што живеат во Русија повеќе не можат да добиваат визи со повеќекратен влез, со ограничени исклучоци за дисиденти, независни новинари и членови на блиски семејства.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, во септември објави дека членките би можеле да забранат визи за поранешни руски борци, да го намалат бројот на туристички визи и да го ограничат движењето на руските дипломати во рамките на Шенген зоната.
Визната политика во голема мера останува во надлежност на земјите-членки, а московската агенција ТАСС, цитирајќи го „Политико“, истакна дека Комисијата може да дава само препораки во оваа област.
