back to top
14.1 C
Skopje
среда, 14 октомври , 2026

Францускиот банкарски гигант купува германска банка

Други наслови

Француската банкарска групација „Кредит Агрикол“ објави дека има намера да ја купи германската банка IKB Deutsche Industriebank од американската инвестициска компанија „Лоун Стар Фандс“, како дел од планираното проширување на своите операции во Германија.

Аквизицијата би претставувала „голем чекор во европските амбиции на групацијата „Кредит Агрикол“, објави француската банка, според извештајот на германската новинска агенција ДПА.

Вредноста на трансакцијата не е објавена, а нејзиното завршување е планирано до крајот на вториот квартал од следната година, во зависност од регулаторното одобрување.

„Кредит Агрикол“ работи во Германија повеќе од 70 години, а минатата недела беше објавено дека планира да се прошири во сегментот на банкарски услуги за граѓаните.

Француската групација има намера да го удвои бројот на клиенти во Германија во следните две години и да достигне два милиони германски граѓани, со проширување на услугите и развој на универзален банкарски модел, во рамките на кој ќе нуди низа финансиски производи на клиенти од сите возрасни групи.

Како дел од тој план, „Кредит Агрикол“ сака да отвори 20 филијали во големите германски градови и да вработи околу 600 работници од подружницата на француската банка „Кредитплус“, која денес е дел од групацијата „Кредит Агрикол Германија“.

„Кредит Агрикол“ е најголемата европска банкарска групација по број на клиенти и деветта најголема во светот, според француската банка. Таа веќе вработува повеќе од 2.000 работници во Германија.

IKB е со седиште во Дизелдорф, основана е во 1924 година и е специјализирана за финансирање на мали и средни претпријатија во Германија. Според банката, има околу 600 вработени на шест локации низ Германија.

Банката се најде под притисок за време на глобалната финансиска криза, по загубите од хипотекарните кредити во САД во 2007 година. Државата мораше да ја спаси од кризата во 2008 година, по што банката беше преземена од „Лоун Стар“, потсетува ДПА.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести