back to top
14.1 C
Skopje
среда, 14 октомври , 2026

Запленети два тони храна од зелениот пазар во Ченто

Други наслови

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во соработка со Комуналната инспекција на Град Скопје и Државниот пазарен инспекторат, денес спроведе вонредна инспекциска контрола на зелениот пазар во скопската населба Ченто, при што се запленети околу два тони небезбедна храна од различен вид.

Контролата беше насочена кон проверка на условите под кои се продава храната, како и почитувањето на законските прописи за нејзино безбедно складирање и промет.

При контролата било утврдено дека храната се продавала надвор од местата предвидени за таа намена во рамки на пазарот, во нехигиенски услови, со што се зголемува ризикот за нејзината безбедност и за здравјето на потрошувачите. Запленетата храна е отстранета од промет. Надлежните инспекциски служби ќе продолжат со преземање мерки во согласност со своите законски надлежности.

Агенцијата за храна и ветеринарство, како што соопштија од таму, ќе продолжи со спроведување на засилени инспекциски контроли, самостојно и во координација со другите надлежни институции, со цел заштита на здравјето на граѓаните и обезбедување безбедна храна на пазарот.

АХВ апелира до сите оператори со храна да ги почитуваат законските обврски и да обезбедат соодветни хигиенски услови при ракувањето, чувањето и продажбата на храната. „Безбедноста на храната и заштитата на здравјето на потрошувачите остануваат приоритет во работењето на Агенцијата за храна и ветеринарство“.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести