Скопје ќе добие современ Луна парк, кој ќе ја врати детската смеа и ќе создаде ново место за забава и заеднички семејни моменти. По една деценија без еден од омилените простори на најмладите, Град Скопје останува посветен на реализацијата на проектот во рокот предвиден во програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски – до крајот на 2027 година, информираат од Град Скопје.
Новиот Луна парк, како што е соопштено, е замислен како модерен забавен комплекс со разновидни содржини за различни возрасти. Покрај класичните забавни реквизити, предвидени се ролеркостер, панорамско тркало, водени атракции, интерактивни игри и зони за виртуелна реалност, кои ќе понудат целосно ново доживување за посетителите.
Во однос на постапките за набавка и спогодбеното раскинување на договорот склучен по новиот тендер, Град Скопје ја информира јавноста дека станува збор за одлука со која се избегнува двојна набавка на исти реквизити и се обезбедува одговорно трошење на јавните средства.
„Имено, по раскинувањето на претходниот договор за набавка на реквизити, склучен во времето на градоначалникот Коце Трајановски, фирмата повела судска постапка против Град Скопје. Судската одлука во корист на фирмата, со која Градот има обврска да ги плати реквизитите, била донесена откако веќе бил склучен договорот по новиот тендер.
Бидејќи новата набавка опфаќала и реквизити предвидени со претходниот договор, било решено новиот договор да се раскине спогодбено. Со тоа се спречува непотребно дуплирање на опремата и дополнително оптоварување на градскиот буџет“.
Оваа одлука, подвлекуваат од Град Скопје, не го менува рокот за изградба на новиот Луна парк. „За еден месец ќе започне монтирањето на седумте реквизити набавени со претходниот договор, паралелно со уредувањето на просторот, за да се создадат услови овој дел од паркот да започне со работа.
Со новиот тендер што дополнително ќе биде објавен ќе се набават дополнителни реквизити, меѓу кои ролеркостер и панорамско тркало, со кои ќе се заокружи понудата на забавни содржини. На овој начин, вредноста на новиот договор ќе биде помала од 10 милиони евра.
Луна паркот ќе се простира на поголема површина од некогашниот, проширувајќи се и на просторот во Градскиот парк каде што се наоѓаа летните дискотеки, отстранети пред шест месеци. Ова ќе овозможи повеќе простор за нови атракции, подобра организација на содржините и попријатен престој за посетителите.
Со реализацијата на овој проект, Скопје ќе добие современо место за забава, а децата простор во кој играта, радоста и фантазијата ќе бидат во центарот на вниманието. Простор за безгрижни детски доживувања, нови пријателства и спомени што ќе се прераскажуваат со години“.
