back to top
14.8 C
Skopje
петок, 16 октомври , 2026

(Видео) СДСМ обвинува за партизација на Судскиот совет и бара повлекување на предложените кандидати

Други наслови

СДСМ денеска обвини дека премиерот Христијан Мицкоски се обидува да воспостави целосна контрола врз правосудството преку избор на партиски поврзани кадри во Судскиот совет. На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, побара повлекување на предложените кандидати Емилија Алексовска и Џоко Диков.

„Мицкоски го турка неговиот план да избира нови судии од тефтерчето. Тоа го прави веќе две години, сака целосна контрола врз правосудството. Бандата бара спас од одговорност за криминалот, и тоа во контролирано судство и обвинителство“, изјави Фрчкоски.

Тој изнесе обвинувања за поврзаност на двајцата кандидати за членови на Судскиот совет со владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

За Емилија Алексовска, Фрчкоски тврдеше дека јавно го поддржувала и го фалела Мицкоски на социјалните мрежи, наведувајќи ја нејзината објава: „Македонија со Вас е жива, повторно наша и горда“.

Во однос на Џоко Диков, Фрчкоски тврдеше дека има фотографии со функционери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и од прослава на изборната победа на градоначалникот на Ново Село. Тој исто така изнесе тврдење дека Диков го застапувал градоначалникот на Ново Село во спор против еколошки активисти и дека против него била поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување.

Фрчкоски се осврна и на претходниот избор на Данка Ристова за членка на Судскиот совет, посочувајќи дека таа е сопруга на Ацо Ристов, поранешен градоначалник на Радовиш од ВМРО-ДПМНЕ, кој потоа бил избран за претседател на Регулаторната комисија за енергетика.

Според СДСМ, овие кадровски решенија се дел од поширок процес на партизација на институциите и воспоставување контрола врз судството.

Фрчкоски упати критики и за односот на власта кон обвинителите, како и за состојбите во правосудството, повикувајќи се на извештаите на Европската комисија.

„Со банда нема независно судство. Има систем на контрола. Нема правда – напротив, има неправда“, рече Фрчкоски.

СДСМ побара повлекување на предложените кандидати и избор на стручни и независни членови на Судскиот совет, најавувајќи дека ќе инсистира на одговорност за, како што тврди, злоупотребите во институциите.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести