back to top
18.8 C
Skopje
четврток, 22 октомври , 2026

Снајперските тимови на „Тигар“ со успех на меѓународниот натпревар „БОРАН 8“ во Турција

Други наслови

Снајперските тимови на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ остварија значаен успех на престижниот меѓународен натпревар во снајперско гаѓање „БОРАН 8“, кој се одржа во Република Турција, соопшти Министерството за внатрешни работи.

„Во силна меѓународна конкуренција, со учество на 48 тимови од 22 држави, македонските специјалци го освоија високото деветто место, потврдувајќи ја својата подготвеност, професионалност и способност за рамноправно натпреварување со елитни тимови од повеќе земји. Првите седум места им припаднаа на тимови од Турција, додека осмото место го освои тим од Азербејџан“, соопшти МВР.

Особено впечатлив резултат македонските специјалци постигнале во дисциплината пиштолско гаѓање, освојувајќи вкупно 2.098 поени, значително над просекот на натпреварувањето, кој изнесувал 1.173 поени.

Покрај постигнатите натпреварувачки резултати, македонскиот тим добил и признание за професионалниот однос и спортскиот дух, со изборот меѓу трите најдобри тимови во категоријата „фер-плеј“.

„Со покажаните вештини, високото ниво на подготвеност, професионалноста и коректниот однос кон останатите учесници, припадниците на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ достојно ја претставија државата на меѓународната сцена, уште еднаш потврдувајќи ги своите професионални капацитети“, велат од МВР.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести