ВМРО-ДПМНЕ го повика лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да ги објави анкетите што, според партијата, ги најавил пред две недели, но досега не ги презентирал.
„Пред дебаклот во Брвеница на предвремените локални избори, Венко изјави дека ќе обзнани анкети во кои СДС имал голем рејтинг и граѓаните биле незадоволни од ВМРО-ДПМНЕ. Две недели по таа изјава на Филипче, ниту трага и глас од анкетите. Го прашуваме Филипче, каде се тие негови анкети во кои СДС има голем пораст во рејтингот, а ВМРО-ДПМНЕ пад? Зошто не ги покаже во јавноста? Зошто ги крие? Дали тие анкети се направени во штабот на СДС?“, праша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Тој истакна дека во Брвеница разликата меѓу двете партии била четири спрема еден, додека предноста на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во однос на Филипче изнесувала седум спрема еден.
„Додека Филипче ветуваше анкети, во реалниот свет, СДС беше декласиран од ВМРО-ДПМНЕ на изборите во Брвеница со 4 спрема 1, поддршката на Филипче во СДС е на завидно ниво, кој стигне му бара оставка, но ние како ВМРО-ДПМНЕ му даваме целосна поддршка. ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски имаат најголема поддршка од граѓаните, а СДС полека но сигурно со Филипче станува маргинална партија. Разликата во однос на партиите е 4 спрема 1, а претседателот Мицкоски има 7 спрема 1 предност во однос на Филипче. Граѓаните ја ценат работата, посветеноста и вистинската грижа која ВМРО-ДПМНЕ ја пружа. Затоа Филипче не сака избори, затоа што ќе доживее дебакл“, кажа Манасиевски на прес-конференцијата.
