Европската Унија планира да воведе дополнителни ограничувања за увоз на производи од Кина во сектори како што се хемиската индустрија, мебелот и машините на почетокот на 2027 година, што би можело да вклучува увозни квоти или тарифи.
Европската комисија би можела да воведе нови ограничувања уште во првиот квартал од 2027 година, објави денес „Блумберг“, повикувајќи се на анонимни информирани извори.
Целта на новите мерки е да се ограничи приливот на кинески стоки и да се намали големиот трговски дефицит на Европската Унија со Кина, кој минатата година достигна 360 милијарди евра.
Планираните мерки би се базирале на заштитни механизми што овозможуваат ограничување на увозот од одредени сектори кога има ненадејно зголемување на испораките на пазарот на Унијата.
Комисијата ја разгледува можноста за воведување квантитативни ограничувања или тарифни квоти, според кои царинските давачки би се наплаќале за увоз над одреден обем.
Новите мерки се дел од пошироките напори на Европската Унија за намалување на трговскиот јаз со Кина и заштита на европската индустрија од евтини стоки.
Европските производители предупредуваат дека растот на увозот го загрозува домашното производство и работните места, додека слабиот пристап на европските компании до кинескиот пазар дополнително ги комплицира трговските односи меѓу Брисел и Пекинг.
Плановите сè уште не се конечни, а целните сектори и специфичната форма на ограничувања би можеле да се променат за време на консултациите со земјите-членки и Кина, додадоа изворите на њујоршката агенција.
