Одржувањето на здраво ниво на холестерол не е само прашање на исхрана, туку и на секојдневните навики. Она што го правиме по последниот оброк може да влијае на здравјето на нашето срце и крвните садови, особено ако овие здрави навики се практикуваат редовно. Малите промени во нашата вечерна рутина можат да помогнат во регулирањето на мастите во крвта и да придонесат за подобро целокупно здравје. Диететичарката Линдзи ДеСото идентификуваше пет едноставни навики по вечерата кои можат да помогнат во одржувањето на здраво ниво на холестерол.
Прошетка по вечерата
Брзата прошетка од 10 до 20 минути по вечерата може да биде корисна за здравјето на срцето. Редовната физичка активност може да го зголеми HDL, или добриот холестерол, да ги намали триглицеридите и да го олесни одржувањето на здрава тежина. Одењето по оброците, исто така, помага во регулирањето на шеќерот во крвта, а кратките прошетки придонесуваат за препорачаните 150 минути умерена физичка активност неделно, вели ДеСото за Health.
Избегнување на закуски доцна во ноќта
Чипсот, колачињата, сладоледот и бонбоните често се богати со заситени масти и додадени шеќери, што може да го отежни контролирањето на холестеролот, забележува ДеСото. Ако редовно чувствувате глад по вечерата, важно е да внесувате доволно протеини, влакна и здрави масти во текот на денот. За вечерна ужина, овошјето, пуканките без маснотии или мала шака јаткасти плодови се подобар избор.
Релаксација пред спиење
Стресот може да доведе до прејадување, нарушен сон и намалена мотивација за вежбање, што го отежнува одржувањето на здраво ниво на холестерол. Затоа е корисно да одвоите неколку минути навечер за релаксација, како на пример со читање, нежно истегнување, јога, медитација или длабоко дишење, советува ДеСото.

Квалитетен ноќен сон
Истражувањата го поврзаа лошиот квалитет на спиење со повисоки нивоа на ЛДЛ, или лош холестерол, и триглицериди. Недостатокот на сон може да влијае и на хормоните што го регулираат гладот, што го отежнува одржувањето на здрави навики во исхраната.
На повеќето возрасни им се потребни седум до девет часа сон, а редовен распоред за спиење, ограничување на времето пред екран пред спиење и ладна, темна и тивка спална соба можат да помогнат во подобрувањето на квалитетот на спиењето, вели ДеСото.
Планирање на оброци однапред
Подготовката на храна за следниот ден го олеснува поздравото хранење и ја намалува зависноста од готови оброци, кои често содржат повеќе заситени масти, сол и додадени шеќери. Дури и подготовката на ручек, овошје или појадок однапред може да ни помогне да вклучиме повеќе зеленчук, интегрални житарки, мешунки и друга храна здрава за срцето во нашата исхрана, вели ДеСото.
