Општина Кисела Вода започнува со реализација на проектот „Безбедно домување“, кој има за цел надминување на предизвиците со кои се соочуваат управителите на згради, куќните совети и заедниците на станари.
На неодамна одржаната работна средба со претставниците на куќните совети и заедниците на станари, на која покрај градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и општинските инспекциски служби присуствуваше и претседателот на Регулаторната комисија за домување, Никола Затуроски, беше отворен отворен дијалог за потребите, предизвиците и секојдневните проблеми од оваа сфера со кои се соочуваат граѓаните. Во фокусот на тогашната дискусија беа дефинирани неколку основни приоритети: редовната проверка и одржување на станбените и заедничките делови, противпожарната безбедност и проодноста на евакуациските патишта, брзата реакција и навременото пријавување оштетувања, како и почитувањето на Законот за домување, соопштуваат од општината.
Со цел институционално и ефективно надминување на отворените прашања во оваа сфера, како што појаснуваат, се отвора специјална електронска адреса: [email protected]. „Преку овој наменски канал ја унапредуваме директната комуникација со општинските инспекциски служби, овозможувајќи им на граѓаните, управителите и куќните совети уште поблиска соработка. Нашата цел е преку доследно почитување на законските можности, права и обврски, заеднички да воведеме поголем ред и сигурност во секој станбен објект“.
-На минатонеделниот работен состанок со куќните совети и Регулаторната комисија за домување, ги детектиравме клучните предизвици, со јасна цел како локална самоуправа заедно со инспекциските служби да започнеме сеопфатен процес за ставање ред и надминување на сите отворени прашања во оваа сфера. Преку овој проект им овозможуваме на граѓаните и управителите директна комуникација со општинските инспекциски служби за побрза реакција на терен, со цел преку почитување на законските можности, права и обврски да обезбедиме поголема сигурност и ред за сите наши жители – изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
