back to top
9.8 C
Skopje
сабота, 31 октомври , 2026

Димитриевски: Правосудниот испит ќе се полага на македонски јазик, нема да отстапиме од црвените линии

Други наслови

„Додека ЗНАМ е дел од Владата, правосудниот испит ќе се полага согласно закон и Устав, на македонски јазик“. Ова го порача претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски, на денешниот отчет пред граѓаните во Кочани, каде што заедно со партиското раководство ги презентираше резултатите од двегодишната работа.

Под мотото „Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија“, Димитриевски нагласи дека за прашањата поврзани со македонскиот јазик, државниот суверенитет и почитувањето на Уставот и законите нема простор за политички пазарења.

Осврнувајќи се на шпекулациите и барањата поврзани со полагањето на правосудниот испит, тој рече дека ставот на ЗНАМ е јасен и непроменлив.

„Може да има различни барања, притисоци и шпекулации, но нашиот став е јасен. Тоа се нашите црвени линии и од нив нема да отстапиме. Законите и Уставот мора да се почитуваат, а македонскиот јазик е темел на нашиот државен идентитет. За принципите што ги застапуваме не бараме алиби и не прифаќаме компромиси што се спротивни на законите и Уставот“, истакна Димитриевски.

Тој се осврна и на случајот со Ива Михајлова, оценувајќи дека ниската излезност на изборите во Бугарија и апатијата кај бугарските граѓани не треба да се прикриваат со создавање политички теми и обиди за притисок врз Македонија.

„Во однос на случајот со Ива Михајлова, ги повикувам бугарските власти да постапат согласно потерницата издадена од Министерството за внатрешни работи на Македонија и да ја екстрадираат за да одговара пред надлежните институции за случајот за кој се товари. Очекуваме почитување на правните процедури и соработка со надлежните институции. Македонија е суверена држава и нема да дозволиме создавањето лажни политички теми да го потисне почитувањето на правниот поредок“, порача Димитриевски.

На панел-дискусијата се обратија и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и потпретседател на ЗНАМ, Борче Серафимовски, пратеникот и потпретседател на Движењето, Павле Арсоски, како и директорот на Геолошкиот завод, Ивица Андов.

Серафимовски ги презентираше мерките за поддршка на земјоделците, јакнење на домашното производство и подобрување на условите за работа во земјоделството. Арсоски зборуваше за улогата на Собранието во донесувањето законски решенија и спроведувањето на реформите, додека Андов се осврна на природните ресурси на Македонија и нивното одговорно искористување за економски развој.

Од ЗНАМ посочуваат дека со отчетот во Кочани ја продолжуваат директната комуникација со граѓаните и презентирањето на досегашните резултати, како и приоритетите за наредниот период. За Движењето, велат, отчетот не е формалност, туку обврска кон граѓаните.

YouTube Video Thumbnail

Најнови вести