Руските напади врз енергетската инфраструктура во четири украински региони оставија стотици илјади домаќинства без електрична енергија во недела навечер, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Иако локалното примирје околу Олешки, украински град под руска контрола, траеше последниот од шесте дена во неделата, борбите на остатокот од фронтот не стивнаа, а двете страни продолжија да извршуваат напади со беспилотни летала и ракети со долг дострел, објави Ројтерс.
„Интензитетот на нападот е многу висок, а Русите се обидуваат да го искористат максимално недостатокот на пресретнувачи на балистички ракети“, напиша Зеленски на Телеграм.
Според него, Украина во меѓувреме го погодила објектот Каменски во рускиот Ростовски регион, за кој тврди дека е вклучен во производството на руски ракети. Москва не го коментираше наводниот напад во Ростовскиот регион.
Гувернерот на Нижни Новгородската област, Глеб Никитин, изјави дека голем ноќен удар од украински беспилотни летала предизвикал значителна штета на индустриски објект, но не прецизираше во кој објект. Во областа се наоѓа рафинеријата НОРСИ, една од најголемите во Русија.
Киев не ја презеде веднаш одговорноста за нападот.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека неговите сили собориле 235 украински дронови над руските региони во текот на ноќта.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека собориле 371 од 433 дронови со долг дострел што ги лансираше Русија од саботата навечер. Во утринскиот извештај се додава дека неколку десетици руски дронови сè уште се во воздух и дека од полноќ во Киев се издадени шест одделни предупредувања за дронови.
