Општина Ѓорче Петров заклучно со октомври 2026 година оствари реализација на капитални расходи од 193.178.784 денари, што претставува највисок износ во периодот 2012-2026 година. Со резултатот постигнат за десет месеци веќе е надмината целогодишната реализација од сите претходни години во овој период, велат од Општината.
„Во споредба со 2025 година, кога биле реализирани 172.925.236 денари, годинашната реализација до октомври е поголема за 20.253.548 денари, односно за 11,7 проценти.
Споредено со 2024 година, кога капиталните расходи изнесувале 79.419.215 денари, реализираниот износ е зголемен за 143,2 проценти, односно е 2,43 пати поголем. Овие споредби ја опфаќаат реализацијата за првите десет месеци од 2026 година, наспроти целосните претходни календарски години“, соопшти Општина Ѓорче Петров.

-Нашата одговорност е средствата на граѓаните да ги претвораме во проекти што го подобруваат нивното секојдневие. Реализацијата од над 193 милиони денари уште во октомври покажува дека поставуваме повисоки цели и работиме на нивното исполнување. Благодарност до општинската администрација и до сите кои придонесуваат за овој резултат. Продолжуваме со истата посветеност, затоа што граѓаните очекуваат завршени проекти и видливи резултати, истакна градоначалникот Александар Стојкоски.
„Општина Ѓорче Петров и во преостанатиот дел од годината ќе продолжи со реализација на капиталните проекти, со фокус на потребите на жителите, подобрување на инфраструктурата и одговорно управување со јавните средства“, се додава во соопштението.
