„Во услови кога Македонија се соочува со сериозен пад на наталитетот, таканаречената „бела чума“, а Владата и надлежните министри постојано упатуваат апели за повеќедетни семејства, реалноста со која се соочуваат граѓаните е сосема поинаква.
До Левица со писмо реагираа граѓани од Битола и околните општини, алармирајќи за недостапноста на спермограмот во Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ – Битола. Станува збор за Клиничка болница, а не за мала здравствена установа, во која оваа основна анализа не се изработува повеќе од пет години“, предупредуваат од Левица.
Поради тоа, пациентите, оценуваат во партијата, се принудени да патуваат во други градови, како Охрид и Прилеп, за да ја направат анализата во државните здравствени установи, или да плаќаат во приватни лаборатории.
„Според информациите доставени до Левица, цената на еден спермограм во приватна лабораторија изнесува околу 150 евра, што претставува сериозен финансиски товар за паровите кои веќе се соочуваат со проблеми со плодноста“.
Особено тежок, како што посочуваат, е проблемот за паровите кои се подготвуваат за инвитро оплодување (ИВФ), бидејќи во текот на постапката често е потребно анализата да се повторува повеќе пати.
„Тоа подразбира повторени трошоци, патувања, отсуство од работа и дополнителен стрес во период кој и онака е емотивно и финансиски исцрпувачки.
Од една страна, министерката за образование Весна Јаневска упатува апели до децата да побараат братче или сестричка, а Владата зборува за потребата од повеќедетни семејства и справување со падот на наталитетот. Од друга страна, граѓаните уште пред да стигнат до бременост се соочуваат со недостапни здравствени услуги, дополнителни финансиски трошоци и институции кои со години не успеваат да обезбедат основна дијагностика“.
Левица бара од Министерството за здравство и раководството на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ итно да ги утврдат причините поради кои оваа анализа не се изработува повеќе од пет години и да преземат конкретни мерки за повторно воспоставување на услугата. Потребно е, нагласуваат, да се обезбедат соодветна опрема, стручен кадар и услови за спермограмот повторно да биде достапен во битолската Клиничка болница.
