Општина Центар со низа едукативни активности го одбележа Меѓународниот ден против насилството и булингот во училиштата, со цел подигнување на свеста, рано препознавање и спречување на врсничкото насилство.
Во текот на неделата, во просториите на Младинскиот центар „Матично“ се одржаа работилници наменети за родители, наставници и стручни соработници, со посебен акцент на улогата на семејството и училиштето во превенцијата од оваа појава.
Работилниците ги водеше проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова, која со присутните разговараше за раното препознавање, соодветното реагирање и превенцијата од врсничко насилство, споделувајќи стручни совети и практични насоки.
„Врсничкото насилство е проблем што не смее да се игнорира и за чие спречување сите имаме одговорност. Важно е родителите, наставниците и стручните служби навреме да препознаат кога детето се соочува со насилство и соодветно да реагираат. Молчењето и игнорирањето можат да остават сериозни и долготрајни последици врз детето и целото семејство“, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
Паралелно, и во центарските основни училишта се реализираа различни активности посветени на менталното здравје и спречувањето на врсничкото насилство. Учениците следеа едукативни предавања на темата „Врсничко насилство“ во соработка со СВР Скопје, се организираа работилници под мотото „СТОП за булингот“, а дел од учениците посетија и театарски претстави преку кои, на интересен и пристапен начин, им беа пренесени пораки за пријателство, прифаќање и градење здрави врснички односи.
