Естетските хирурзи во Турција сè повеќе добиваат необични барања, како што се намалување на стапалата и промена на ширината на рамената, а некои деца ги молат своите родители за филери за усни како подарок за нивното школско уверение.
Овој тренд го дискутираа проф. д-р Јакуп Чил, специјалист по пластична, реконструктивна и естетска хирургија во болницата „ВМ Медикал Парк Флорја“ во Истанбул, и доц. д-р Емре Хоџаоглу од Одделот за пластична, реконструктивна и естетска хирургија при Медицинскиот факултет во Истанбул, за турската агенција Ихлас (ИХА).
„Естетските процедури се многу раширени, исто така и поради социјалните мрежи. Во последно време, пациентите ни доаѓаат со сосема неочекувани барања“, рече Чил.
Според него, некои пациенти сакаат помали стапала бидејќи мислат дека нивните чевли ќе изгледаат поубаво и поелегантно. Жените бараат потесни рамена за облеката подобро да им стои. Мажите сакаат пошироки рамена за да изгледаат поатлетски бидејќи не можеле да го постигнат тоа преку тренинг.
Чил предупредува дека ваквите операции не се ни приближно толку едноставни како што се појавуваат во објавите на социјалните мрежи и дека секоја носи свои компликации. Слични процедури, објасни тој, се изведуваат за некои вродени аномалии, кога рацете или стапалата се невообичаено големи. Операции од чисто естетски причини, додава тој, треба да се избегнуваат.
Повеќето од овие барања доаѓаат од луѓе на возраст меѓу 20 и 30 години, кои најмногу ги користат социјалните мрежи.
„Влијанието на социјалните мрежи е огромно, сите го гледаме тоа, низ целиот свет“, рече Чил.
Хоџаоглу изјави дека клиниката за пластична хирургија на Медицинскиот факултет во Истанбул добива и барања за зголемување на рамената и намалување на стапалото.
Според него, младите луѓе сè повеќе бараат од своите родители да платат за естетска процедура како награда за успешно завршена учебна година, а децата бараат филери за усни наместо велосипеди. Филерите, вели тој, станаа општоприфатени, а возрасната граница за естетски процедури значително се намали.
Тој предупреди дека секоја хируршка процедура носи ризици и дека е важно да се изберат професионални лекари со искуство.
