Судскиот систем треба да се темели на принципот на лингва франка, што е македонскиот јазик, а тоа е поврзано со владеењето на правото, а не со други права или политика, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Охрид.
Во врска со тоа дали на владина седница ќе се дискутира за прашањето за полагање на правосуден испит на албански јазик и изјавите на коалицискиот партнер ЗНАМ за ова прашање, Мицкоски рече дека нема да има барање или одлука со која правосудниот испит ќе се полага на албански јазик во целост, туку одлуката што ќе биде доставена на владина седница содржи два дела.
„Првиот дел вели дека студентите ќе можат делот поврзан со нивните универзитетски студии да го полагаат на јазик различен од македонскиот, а во Македонија ваквите студии се спроведуваат на три јазика – албански, турски и англиски, на јазикот на кој го завршиле високото образование. Делот од испитот по правосудство каде што се симулира судски процес како дел од кривична или граѓанска постапка, тој дел ќе се полага на лингва франка – македонски“, рече Мицкоски.
Ова, повтори премиерот, уште еднаш го потврдува ставот дека судскиот систем треба да се темели на принципот на лингва франка, а тоа е македонскиот јазик, бидејќи е поврзан со владеењето на правото, а не со други права или политика.
