Американскиот државен секретар Марко Рубио и неговите колеги од Групата седум индустријализирани земји (Г7) го насочија вниманието кон Украина и поддршката за нејзината одбрана од руска агресија.
Додека во Абу Даби, Обединетите Арапски Емирати, започнуваат трилатералните разговори меѓу Русија, Украина и САД, високи дипломати на Г7 во вторник во Франција ќе се сретнат со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха.
Сибиха ќе го започне денот во Париз со средба со Рубио, пред да им се придружи на другите колеги на заеднички состанок во француското Министерство за надворешни работи. Фокусот ќе биде ставен на воената и безбедносната помош за Украина, која администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја намали, предизвикувајќи загриженост во Киев и европските престолнини.
Сè уште не е познато дали САД или некоја од другите земји од Г7 ќе објави нова помош за Украина, објавува „Телеграф“.
Во меѓувреме, во Абу Даби, претставниците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер, ќе се сретнат со руски и украински претставници. Една од целите е да се убеди Москва да прифати пошироки преговори, во кои би учествувале и клучни европски претставници, за да се стави крај на речиси петгодишната војна.
Европските земји постојано се обидуваат директно да бидат вклучени во преговорите, но американските претставници изјавија дека претставници од Велика Британија, Германија, Франција, НАТО и Европската Унија нема да учествуваат на главните разговори во Абу Даби. Наместо тоа, тие однапред ќе разговараат за можни безбедносни гаранции и долгорочна безбедносна архитектура меѓу Русија и Европа.
Москва се спротивстави на вклучувањето на европските земји, инсистирајќи преговорите да се водат само во трилатерален формат меѓу Русија, Украина и САД. Последниот состанок меѓу овие три страни се одржа во февруари.
Сепак, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, кој се сретна одделно со Рубио на маргините на состанокот на Г7 во Париз, нагласи дека Европа мора да биде дел од процесот.
„Сè уште сум многу благодарен на Соединетите Американски Држави за нивните напори да ги доведат страните во конфликтот на преговарачка маса. Но, уште еднаш јасно ставив до знаење дека Европа мора да биде дел од оваа маса. Не може да има решение без Европа, туку само со Европа“, изјави тој.
Од друга страна, Рубио рече дека Вашингтон не се спротивставува на вклучувањето на Европа во директни преговори во подоцнежна фаза, но според него, сè уште не е дојдено времето за ова.
„На крајот на краиштата, ова би било позитивно, но сè уште имаме пат да изодиме. Добро е што се водат разговори и што трилатералните преговори се обновени. Ова е подобро отколку воопшто да нема разговори“, рече Рубио по средбите со неговите колеги од Г7.
Во пресрет на преговорите, Русија повторно ја нападна енергетската мрежа на Украина во понеделник, додека украинските сили нападнаа уште една од најголемите руски рафинерии за нафта.
Двете земји продолжуваат да се борат, без знаци дека која било од страните е подготвена да се откаже од своите барања. Според аналитичарите и хуманитарните организации, војната досега одзеде животи на стотици илјади војници и илјадници цивили.
