Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната надзорна расправа за причините за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност, му презентираше видео на гувернерот Трајко Славески.
„Половина милион луѓе го виделе ова видео и слушнале од телевизиска дебата дека името Алта доаѓа од Александар Вучиќ и Тамара, неговата втора сопруга, верувам сте го виделе и вие“- му рече Лукаревска на Славески:
„Може ли еден ситен сопственик на една менувачница да стане милијардер? Може, ако татко на таа банка е Александар Вучиќ. Сега ќе кажам една атомска бомба од извори од Белград. Што е тоа Алта – Александар и Тамара, втората жена на Вучиќ“, се наведува во видеото.
Лукаревска отвори прашања за издадената согласност за купување на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка АД Белград, посочувајќи дека постојат сериозни сомнежи во однос на репутацијата на сопственикот и исполнувањето на законските услови.
„Имате издадено согласност за купување на Стопанска банка АД Битола од страна на Алта банка АД Белград на лице кое не поседува репутација, со што се загрозува сигурноста на банката, кршејќи го Законот за банки“, рече Лукаревска.
Таа посочи и на постапувањето на Европската централна банка во врска со поврзани лица на сопственикот на Алта банка, наведувајќи дека во август 2024 година биле изречени мерки за одземање на управувачките и гласачките права во Адико банка, како и парични глоби и забелешки за транспарентноста на сопственоста и потеклото на средствата.
„Решението за купување на Стопанска банка АД Битола е ваша одговорност во загрозувањето на работењето на банката спротивно на закон, спротивно на забелешките од австрискиот надзорен орган на финансискиот пазар“, нагласи Лукаревска.
Таа го отвори и прашањето за информациите за приведувањето и истрагата против официјалниот сопственик на Алта банка, Давор Мацура, кој, според нејзините наводи, е и член на Надзорниот одбор на Алта банка Битола.
„Официјалниот сопственик на Алта банка, Давор Мацура, е приведен во Србија, има истрага, се споменуваат 380 милиони евра, а тој е воедно и член на Надзорниот одбор на Алта банка Битола. Дали проверивте кој е вистинскиот сопственик на Алта банка?“, праша Лукаревска.
