Пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, на надзорната расправа за „Алта банка“ реагираше на начинот на кој ДПМНЕ ја организирала расправата, со цел, како што рече, да се избегне присуството на независни експерти кои би придонеле за нејзината објективност:
„Оваа надзорна расправа се избрза по вмровски, за да нема објективни експерти однадвор, туку само претставници на Владата, кои ќе си го наметнат својот наратив дека сè што се случува со АЛТА банка е случајно и последица на виша сила“, посочи Јанчев.
Тој нагласи дека надзорните расправи се замислени токму како механизам преку кој, покрај претставниците на власта, можат да учествуваат и надворешни стручни лица, за расправата да не се сведе на еднострано претставување на владините позиции.
Јанчев упати серија прашања до Славески за законските проверки што требало да претходат на влезот на странскиот капитал во македонскиот банкарски сектор:
„Дали е проверено дека странската банка е уредно регистрирана во матичната држава? Дали е прибавен доказ дека странската банка има овластување за прибирање депозити? Дали е обезбедено официјално мислење од надлежниот регулаторен и супервизорски орган во матичната држава?
Дали е обезбеден доказ за соодветна консолидирана супервизија?
Дали матичниот супервизорски орган врши консолидирана супервизија најмалку во обемот и на начинот пропишани со македонското законодавство?
Дали правниот систем и практиката на матичната држава овозможуваат непречена супервизија и меѓународна размена на информации“.
Суштинското прашање според Јанчев е дали Народната банка ги спровела сите законски проверки пред да даде согласност за влез на странскиот инвеститор. Одговорите на овие прашања, како што оценува, се неопходни за да се утврди дали регулаторните механизми функционирале и дали постојат пропусти во постапката.
