Потпретседателката и пратеничка на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната надзорна расправа за причините за воведувањето администрација во Алта банка АД Битола, улогата и постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност, ја праша вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, за издавањето дозвола на Алта банка, проверката на нејзината репутација, сопственичката структура и потеклото на капиталот.
Тренчевска посочи дека последиците од случувањата со банката најдиректно ги чувствуваат граѓаните, особено пензионерите, примателите на социјална помош и работниците, кои не можат да пристапат до сопствените средства.
„Митреска, како вицегувернерка на Народна банка, веднаш до гувернерот Славески, се надевам дека сте свесни за одговорноста што оваа функција ви ја носи, особено за вашата одговорност кон сите оние пензионери, приматели на социјална помош, кон граѓаните, работниците коишто ги гледаме како секој ден чекаат во редица со часови пред банките низ државата, па дури и пензионерите ги праќате со автобус да патуваат од град во град. Дали барем во еден миг помислувате што чувствуваат овие граѓани кои не можат да дојдат до своите средства во оваа немаштија?“, праша Тренчевска.
Тренчевска потсети на професионална биографија на вицегувернерката, особено на нејзиниот работен ангажман во комуникацијата со меѓународните финансиски институции и агенциите за кредитен рејтинг, отворајќи го прашањето дали тие биле консултирани пред да биде дадена дозволата за влез на Алта банка.
„Едно нешто што особено ми привлече внимание во вашата јавно објавена биографија е што сте навеле дека во рамките на работниот ангажман активно учествувате во комуникација со меѓународните финансиски институции за кредитен рејтинг. Прво што ми паѓа на памет кога го прочитав ова, а после ваков скандал со Алта банка, со тоа што ѝ дадовте дозвола на, како што ја нареков, криминална банка пералница на пари на Вучиќ да влезе во Македонија, е како е можно пред да ја дадете дозволата да не консултирате финансиски институции, агенции за кредитен рејтинг и слично“, истакна Тренчевска.
Таа потоа посочи на низа настани и регулаторни постапки во други држави, кои требало да бидат сериозен сигнал за проверка на сопственичката структура и работењето на Алта банка и поврзаните компании.
„Од менувачница во Земун до банка во Србија, а во август 2024 година Европската централна банка утврдила непријавено заедничко дејствување на Алтапеј и Дипломат пеј при стекнувањето удел во Адико, со суспензија на гласачките права. Во септември истата година австриската ФМА, регулаторното тело, ја казнила Алтапеј со околу 155.000 евра поради ненавремено пријавување на сопственичките прагови“, посочи Тренчевска.
Како дополнителни прашања за проверката на репутацијата и ризиците, таа ги посочи и случувањата во Црна Гора.
„Потоа дојде одбивањето на преземањето на Адико во Црна Гора, забрана за влез на Мацура поради национална безбедност и одземањето на дозволата за платни услуги на Алтапеј во таа држава. А вие, како што ќе каже гувернерот во една изјава, во консултација со Мицкоски, широко ги отворивте вратите без да се провери репутацијата, пред сè на сопственикот, потеклото на капиталот на Мацура, кој сега е во притвор и има истрага за 300 милиони евра“, рече Тренчевска.
Тренчевска постави конкретно прашање за растот на активата на Алта банка, споредувајќи го со растот на целиот банкарски сектор во Србија. Таа побара од вицегувернерката да објасни дали ваквиот показател бил земен предвид при одобрувањето на дозволата.
„Моето прашање до вас, вицегувернерке, е дали видовте дека на банката во последните пет години активата ѝ пораснала 13 пати. Не 13 проценти, 13 пати, а на целиот банкарски сектор во Србија за само 2 проценти. Зарем не ви беше сомнително тоа кога ја дававте, одобрувавте дозволата на Алта банка?“, праша Јована Тренчевска.
