Здравствен центар и аптека во градот Хур, Швајцарија, беа цел на кибернапад, при што беа украдени лични податоци на пациенти и вработени.
Веста ја објави швајцарскиот јавен радиодифузен сервис SRF, кој објави дека нападот се случил на 12 октомври врз медицинскиот центар „Глајс Д“ и аптеката „Меди Порта“
Според претседателот на одборот на директори на институцијата, Романо Каханес, нападот бил откриен брзо откако ИТ-системите на центарот престанале да работат.
Внатрешниот ИТ тим, заедно со надворешни специјалисти за сајбер безбедност, веднаш интервенираа, додека засегнатите системи беа привремено исклучени, а потоа повторно инсталирани.
Сепак, и покрај брзата реакција, истекувањето на податоци не беше целосно спречено. Имиња, адреси, медицински рецепти и радиолошки снимки на пациенти беа земени од локалните системи. Личните податоци на вработените исто така беа засегнати, додека точниот број на засегнати лица сè уште не е утврден.
Институцијата објави дека електронската документација на пациентите, каде што се чуваат дијагнози и податоци за болести и третмани, не е компромитирана, објавува Телеграф.
Овие информации биле складирани во посебна апликација, до која напаѓачите не можеле да пристапат. Според раководителите, поголемиот дел од медицинските податоци на пациентите се наоѓаат во овој систем.
Во меѓувреме, криминалната група за рансомвер „Cloak“ ја презеде одговорноста за нападот. Според извештаите на швајцарските медиуми, групата тврди дека украла вкупно 87 гигабајти податоци, вклучувајќи документи за идентификација и финансиски материјали. Сепак, овие тврдења од страна на хакерите не се независно потврдени. Сè уште не е познато дали се поднесени барања за финансиски откуп.
Случајот е пријавен во полицијата, Федералната канцеларија за сајбер безбедност и швајцарскиот орган за заштита на податоци.
Во меѓувреме, властите го истражуваат нападот и се обидуваат да утврдат како напаѓачите успеале да навлезат во компјутерските системи.
Експертите предупредуваат дека украдените податоци би можеле да се користат за онлајн измами, фишинг напади и кражба на идентитет, а пациентите и персоналот се повикани да бидат претпазливи во врска со сомнителни повици и пораки.
И покрај инцидентот, здравствениот центар и аптеката продолжуваат да функционираат нормално, додека третманот и грижата за пациентите не се прекинати.
