„Во држава со досие на масовно прислушување, ДПМНЕ повторно посегнува по една од најчувствителните институционални брани против злоупотребата на државната моќ. Наместо независен надзор над тајните служби, владејачката партија го претвора Советот за граѓански надзор во уште еден полигон за политичко влијание, каде што партиските релации очигледно тежат повеќе од стручноста и независноста“, велат од партијата Левица.
„На предлог на пратеникот Миле Лефков, собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата ги предлага Андон Дамовски, социјален работник и Гордана Стефковска-Вељановска, психолог, за членови на Советот задолжен за граѓански надзор. Она што власта го премолчува е дека Вељановска е сопруга на Роберт Вељановски, директор на Драмски театар и поранешен член на Извршниот комитет на ДПМНЕ.
Скандалозно е што петмина други кандидати со образование од правните и безбедносните науки не ја добиле поддршката на Комисијата.
ДПМНЕ се обидува да воспостави контрола врз контролорите, додека вистинскиот граѓански надзор со години останува само мртва буква на хартија. Европската комисија во својот извештај констатира дека Советот за граѓански надзор не функционира од неговото законско воспоставување во 2018 година. Дополнително, во текот на 2025 година собраниската Комисија за надзор над следењето на комуникациите не спровела ниту еден надзор над овластените органи, операторите и Оперативно-техничката агенција. Осум години нефункционален граѓански механизам и цела година без непосреден парламентарен надзор, а кога конечно се отвора прашањето за пополнување на составот, повторно испливуваат партиските и семејните релации.
Сето ова се случува во момент кога Владата на Мицкоски најавува ново прекројување на безбедносно-разузнавачкиот сектор, додека Европската комисија предупредува на недоволна независност и институционални слабости во системот на надзор.
Македонија веќе ја плати цената на партиското заробување на безбедносните служби. ДПМНЕ најмалку има право да се однесува како колективната меморија да е избришана. Секој обид за политичко влијание врз контролорите на прислушувањето претставува сериозен аларм за демократскиот поредок“, соопштуваат од партијата Левица.
