Во сообраќајна несреќа во која учествувале 23 возила во емиратот Фуџаира во Обединетите Арапски Емирати загинаа 14 лица, а 30 се повредени.
Несреќата ја предизвикал камион чиј возач изгубил контрола, соопшти Министерството за внатрешни работи на ОАЕ.
Несреќата се случила во среда на патот Шеик Калифа бин Зајед, на влезот во емиратот, соопшти полицијата во Фуџаира. Возачот на камионот ја изгубил контролата, удрил во друго возило и се превртел, а потоа се судрил со автомобили кои биле запрени поради густ сообраќај.
По ударот, камионот се запалил, а пожарот се проширил на неколку оштетени возила. Според Министерството за внатрешни работи на ОАЕ, во несреќата учествувале 18 автомобили и пет камиони.
Од 30-те повредени, 15 беа пуштени од болница по добивањето на лекарска помош, додека 15 сè уште се на лекување.
Меѓу загинатите има државјани на ОАЕ, а идентитетот на некои од жртвите се утврдува преку ДНК анализа. Индискиот конзулат во Дубаи потврди дека меѓу загинатите има индиски државјани, пренесува АФП.
Меѓу повредените има државјани на ОАЕ, Оман, Индија, Бразил, Пакистан, Јордан и Египет.
Екипи на цивилна заштита, брза помош и полиција реагираа на местото на несреќата, го изгаснаа пожарот и ги пренесоа повредените во болници. Покрената е истрага за тоа како возачот ја изгубил контролата врз камионот.
Според Ројтерс, ова е една од најсмртоносните сообраќајни несреќи во ОАЕ.
