Денес, во рамки на учеството на Министерската конференција на Франкофонијата во Пном Пен, заменик министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, во својство на шеф на македонската делегација, оствари средба со премиерот на Кралството Камбоџа, Самдеч Моха Борвор Типадеј Хун Манет.
На средбата, заменик министерот Димитровски изрази благодарност за укажаното гостопримство и срдечниот прием, пренесувајќи му честитки од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, по повод Денот на независноста на Кралството Камбоџа кој се одбележа на 9 ноември. Тој истакна дека оваа година се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете пријателски земји, што претставува значајна можност за нов импулс во нивното натамошно унапредување. Во таа насока, Димитровски ја нагласи важноста од интензивирање на билатералната соработка во сите области од заемен интерес, со посебен акцент на развојот на економските и трговските односи, упатувајќи и отворена покана до премиерот Хун Манет да ја посети нашата држава.
Димитровски упати честитки за успешната организација на Министерската конференција и 20. Самит на Франкофонијата во Пном Пен, нагласувајќи дека членството во Меѓународната организација на Франкофонијата, како и соработката во рамките на Обединетите нации и другите мултилатерални форуми, претставуваат значајна основа за продлабочување на односите и зајакнување на меѓусебната поддршка на меѓународен план.
Премиерот Хун Манет се согласи дека постои потенцијал за натамошно продлабочување на билатералната соработка, посочувајќи ја потребата од организирање политички консултации меѓу двете земји, како механизам за идентификување конкретни области и можности за нејзино унапредување.
Притоа, тој ја истакна гордоста на Кралството Камбоџа што е домаќин на 20. Самит на Франкофонијата, кој обединува претставници на повеќе од 90 земји и претставува значаен израз на солидарноста, дијалогот и соработката во рамките на франкофонското семејство.
