Земјоделските семејства што од сопствениот род создаваат храна со препознатливо и традиционално локално потекло можат да остварат поголем приход и да го вложат во развојот на своите стопанства, порача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски на денешното отворање на саемот „Вкуси ја традицијата“, кој денес се одржува кај Школка во Градскиот парк во Скопје.
„Млад технолог може да осмисли нова преработка од локално овошје, а некој со познавање на дигиталната трговија може да им помогне на малите стопанства да стигнат до потрошувачи во други градови“, рече министерот Серафимовски.
Тој истакна дека се разработува модел што ќе ги поврзе истражувањата на факултетите и институтите со земјоделските политики, за производителите да добијат практични препораки за одгледување во услови на суша и високи температури. Како приоритет го издвои и зачувувањето на автохтоните сорти, кои им даваат препознатлив вкус на дел од домашните производи.
„Предлагаме појасни правила за договорното производство и за организираниот откуп, со писмен договор во кој условите за испорака и рокот за плаќање ќе се утврдат однапред. Предвидуваме и поддршка за здружување, за помалите стопанства да настапуваат со заедничка понуда и да преговараат од посилна позиција“, додаде министерот Серафимовски, осврнувајќи се на Предлог-законот за уредување на пазарите со земјоделски производи.
Саемот „Вкуси ја традицијата преку домашна здрава храна“ е посветен на промоцијата на домашното производство и на можностите за развој на руралниот туризам. Програмата на манифестацијата опфаќа дегустации на традиционални и органски производи, како и музички и фолклорни настапи. Настанот го организира здружението „Ж’та“ од Кавадарци, со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое обезбеди еден милион денари преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2026 година.
