Од денеска, 15 ноември, во Македонија започнува периодот на задолжително поседување зимска опрема во возилата. Обврската важи за учесниците во сообраќајот на јавните патишта и ќе трае до 15 март.
Возачите треба да проверат дали нивните автомобили ги исполнуваат пропишаните услови, особено во пресрет на зимските температури, снегот и можната појава на голомразица.
За патничките возила до 3,5 тони, зимската опрема опфаќа зимски пневматици на сите тркала со најмалку четири милиметри длабочина на шарата или летни пневматици со најмалку четири милиметри шара и соодветни синџири за снег за погонските тркала.
Непочитувањето на обврската може да резултира со парична казна. Надлежните апелираат возачите навреме да ја проверат опремата, но и техничката исправност на возилата.
