По серијата трагични случаи на насилство врз жени, најновиот случај во Охрид со нападот врз Сара е уште еден аларм дека системот не ја завршува својата најважна задача – да ги заштити сопствените граѓани, вели Бобан Јанкоски, член на ИО на ЛДП.
Прашува, колку предупредувања се потребни? „Колку пријави треба да бидат игнорирани? Колку семејства треба да бидат оставени во страв за некој конечно да преземе одговорност’.
ЛДП, додават од партијата, со години предупредува дека заштитата на жртвите мора да биде системска, а не декларативна.
„Затоа ја предложивме и мерката за електронски нараквици за сторителите на семејно насилство како механизам за контрола и навремено предупредување“.
Од ЛДП предупредуваат дека не смее повеќе да се чека да има следна жртва за конечно институциите да се разбудат од зимскиот сон и да преземат мерки.
Не смее, потенцираат од партијата, жените сами да се штитат од оние од кои државата треба да ги заштити.
„Тепањето жени не те прави поголем маж, туку најголем лузер! Вистинската сила не се докажува со тупаници врз послабиот, туку со почит, љубов и заштита. Нема храброст во тоа да кренеш рака врз жена и нема моќ во стравот и понижувањето. Насилството не е машкост, туку најголема форма на кукавичлук. Жените не се родени за да живеат во страв, туку со достоинство, слобода и сигурност“, вели членот на Извршниот одбор на ЛДП, Бобан Јанкоски.
Јанкоски бара целосна истрага за случајот во Охрид, утврдување на институционалната одговорност и конкретни мерки што ќе спречат повторување на ваквите случаи.
„Државата мора да биде заштитник на жените, а не нем набљудувач на нивното страдање“.
