Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денеска одржа работен координативен состанок со раководителите на општинските сектори, посветен на креирањето на Буџетот за 2027 година. Главниот фокус на средбата беше сите досега собрани потреби, идеи и приоритети од жителите, заедно со проектите од нејзината програма, да се обликуваат во конкретни, реални и одржливи капитални проекти и програми за наредната година.
Овој работен состанок, како што информираат од општината, следи по повеќемесечните активности на терен и отворената комуникација со жителите, чии идеи се основа за новиот буџет. Во изминатиот период, додаваат од таму, беше реализиран интензивен циклус на теренски посети во сите месни и урбани заедници, каде што на лице место се мапираа реалните проблеми. „Паралелно со тоа, градоначалничката Стаменкоска Трајкоска одржуваше и секојдневни директни средби со граѓаните, разговарајќи за нивните секојдневни предизвици и предлози. Дополнително, преку иницијативата „Вашата месна заедница – прва станица за секој проблем!“, општината ја афирмираше улогата на сите 15 месни заедници како институции кои се најблиску до жителите, ставајќи ги на располагање контактите на претседателите и секретарите за секое нивно барање.
Како важен дел од овој процес, во соработка со Finance Think, под мотото „Предложи, дискутирај, приоритизирај“, се одржаа и два отворени буџетски форуми: во Домот на култура во Драчево и во Домот на култура „Билјана Беличанец“. Овој процес на партиципативно буџетирање се реализираше во рамките на проектот „Граѓански надзор: Премостување на јазот помеѓу политичките ветувања и остварувања во четири развојни области“, поддржан од Владата на Швајцарија преку Civica Mobilitas“.
Граѓаните, стои во соопштението, имаат можност своите предлози и приоритети да ги доставуваат и по електронски пат, што овозможи максимална вклученост на сите жители во одлучувањето за развојот на нивната населба.
Со денешната координација на општинските сектори, како што е наведено, граѓаните добиваат јасна финансиска и проектна рамка.
„На овој начин, локалната самоуправа го заокружува отворениот дијалог со жителите, создавајќи развоен буџет за 2027 година кој директно одговара на реалните потреби на секое маало и населба во Кисела Вода.
Со денешната координација на општинските сектори започнува финализирањето на буџетскиот документ, давајќи им јасна финансиска и проектна рамка на сите овие граѓански иницијативи и мапирани потреби. На овој начин, заеднички ќе биде составен развоен буџет за 2027 година кој директно одговара на потребите на секое маало и населба во Кисела Вода“.
