Швајцарија го продолжи пристапот до своите задолжителни резерви на нафта за уште еден месец и ја зголеми количината на гориво што може да се повлече, со цел да се обезбеди снабдувањето на земјата.
Делегатот за снабдување на земјата, Роланд Пфистер, одобри зголемување на повлекувањата на гориво за 35 илјади кубни метри, за периодот од 23 ноември до 20 декември 2026 година, пишува 24heures.
Оваа количина се додава на претходно одобрените 45 илјади кубни метри, со што вкупниот волумен на гориво што се става на располагање од задолжителните резерви изнесува 80 илјади кубни метри.
Според соопштението на Федералната канцеларија за национално економско снабдување (FONES), оваа количина претставува 6,5 проценти од дизел горивото што Швајцарија е должна да го чува во резерви, објавува „Телеграф“.
Снабдувањето со нафтени производи е прекинато со месеци поради намалената пловност на реката Рејн.
Што се однесува до дизелот, ситуацијата се влошува и поради застојот во железничкиот транспорт и проблемите со дистрибуцијата од рафинериите.
