Полупретседателот на Вреди, на денешната прес-конференција, го призна срамот и го потврди токму она што Демократската унија за интеграција постојано го истакнува: Законот за употреба на јазиците е јасен и овозможува полагање стручни испити на албански јазик, велат од ДУИ.
„Ако денес се полагаат стручни испити на албански јазик, токму врз основа на Законот за употреба на јазиците и Амандманот V на Уставот, со кој албанскиот јазик е утврден како службен јазик, тогаш се поставува едно едноставно прашање: зошто истата законска и уставна основа да не важи и за правосудниот испит и за другите државни испити?
Денес уште еднаш се докажа дека албанскиот јазик има јасна законска и уставна основа за остварување на ова право. Проблемот не е во отсуството на закон, туку во недостигот на волја и капацитет кај оваа владејачка гарнитура, која без политички легитимитет не успева ниту да го спроведе законот“.
Ова, додаваат од партијата, јасно го констатираше и Инспекторатот за употреба на јазиците, нагласувајќи дека Законот за употреба на јазиците го регулира ова прашање и дека неговите одредби мора да се применуваат.
„Значи, нашиот став е јасен: Законот постои, законот го гарантира правото и тој обврзува. Должност на Владата и институциите е да го спроведуваат законот. Доколку не го спроведувате, ќе сносите правна и национална одговорност. Оваа последната ќе ве следи до крајот на животот“.
