Германската полиција денес, по наредба на Федералното обвинителство, уапси тројца тинејџери осомничени за членство во десничарска терористичка организација, која планирала да запали дом за бегалци во Винзен, Долна Саксонија, кон крајот на октомври.
Апсењата ги извршиле службеници на Федералната канцеларија за криминалистичка полиција (BKA) во Бранденбург, Долна Саксонија и Шлезвиг-Холштајн, соопшти германското федерално обвинителство. Налозите за апсење се издадени на 17 ноември.
Како што објави германската новинска агенција ДПА, уапсените се на возраст од 14 и 15 години.
Според налогот за апсење, осомничените припаѓаат на десничарска терористичка организација која произлезе од интернет групата „Терор 18“, за која обвинителството вели дека брзо се радикализирала. Во неонацистичките кругови, бројот 18 ги претставува иницијалите на Адолф Хитлер, првата и осмата буква од азбуката.
Членовите на групата, според обвинителството, се обединети од длабоко отфрлање на политичкиот и демократскиот поредок во Германија. За да се борат против државата што ја мразат и да го вознемират населението, тие си поставија цел да извршат најтешки злосторства во името на „Терор 18“, првенствено палење и насилство, па сè до целни убиства на странци и политички противници.
Според обвинителството, кон крајот на октомври бил планиран палеж во дом за бегалци во Винсен (Лухе). Нападот не се случил бидејќи полицијата реагирала навреме.
Федералното обвинителство, исто така, презеде истраги против тројца други осомничени членови на истата група, кои претходно ги водеа обвинителите во Фленсбург, Линебург и Росток.
Тие веќе се во притвор. Денес беа извршени претреси во десет објекти во шест германски покраини, од Баварија до Мекленбург-Западна Померанија, а беа поврзани и со уште четири малолетни осомничени.
Тие се обвинети за поддршка на терористичка организација и непријавување на планирани кривични дела.
