Новата комеморативна златна монета, издадена од Swissmint за 2026 година, предизвика огромен интерес, распродадена за кратко време. Сега се нуди на платформите за препродажба по цени неколку пати повисоки од нејзината оригинална вредност.
Монетата од 25 франци, чиј тираж беше ограничен на само 5.000 примероци, беше пуштена во продажба во четврток по цена од 715 франци, но големата побарувачка значеше дека сите примероци беа продадени за кратко време, пишува 20 Minuten .
Интересот беше толку голем што онлајн продавницата на Swissmint беше преполна со клиенти. Според Tages-Anzeiger, клиентите чекале во виртуелни редици повеќе од еден час околу 8 часот наутро. Некои од нив сè уште чекале откако монетата веќе била продадена.

Но, побарувачката не заврши со официјалната продажба. Монетата почна да се тргува на платформите за препродажба, каде што цените значително ја надминаа почетната вредност од 715 франци. Некои понуди достигнуваат и над 1 илјада франци, додека еден примерок беше продаден за повеќе од 1200 франци. Еден дилер ја поставил цената на 3000 франци, иако до пладне во четврток не добил никакви понуди за неа, пренесува Телеграф.
Монетава е изработена во највисок квалитет, „проф“, од злато со чистота 900. Тежи 5,64 грама и има дијаметар од 20 милиметри.

На предната страна е прикажан швајцарскиот крст, кој се состои од пет еднакви квадрати, поставени на цветни гранки од алпска роза. Дизајнот е базиран на историската златна монета од 20 франци од 1871 година.
Сместена во подарочна кутија, монетата сега не е достапна за официјална продажба. Swissmint потврди дека сите 5.000 примероци се продадени, заблагодарувајќи им се на купувачите за големиот интерес и ентузијазам.
